декадентен прид.

декадентен (прид.)

Но ќе патам ако ме сметаш за луд, за декадентен Дон Кихот на овој растргнат век.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Заедничката тага на културата што изумира се распрснува во мали единечни таги, во парченца семеен живот, во мириси на стариот мебел, во кревки импресии за мистеријата на индивидуалното, во претопени симболи на изгубената сила, во декадентни блудничења и идилично – сентиментални описи на природата.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Писмата* Келн-Скопје од 89 г., што се пред вас (драги („)маргиналци(“) и творјани), се наоѓаат тука од три причини: првата и апсолутно доминантна е онаа естетската; станува збор за една комплексна, измамнички автореференцијална и во крајна линија лирска во своите пајажинести структури, приказна, всушност Дијалог (воспоставување Разлики што искри Креација!) меѓу два прилично различни духа чиј што фантазмогориски набој се судира на тоа чудно поле на епистоларната проза; втората причина е обидот едновремено да се воспостави како разликата меѓу тоа “fin de siécle време” (кога медиски суптилно дозираниот но континуирано експандирачкиот фашизам на Милошевиќ и неговата клика од глупаци, слуги и разбојници, почнуваше да се прелева преку чашата и полека да ги разјадува и онака тенките шевови на „вештачката творба“) и ова време (на нов почеток, како во нов век, на некој начин, без доволно артикулирани репери и со многу неизвесност), така и сличноста, што можеби најмногу се согледува во таа потенцирана артифициелност, маниризам можеби, ескапизам дури, што, на некој начин, самата уметност и е, гледана од тој беден политикантски агол; третата причина (зошто токму овие „декадентни“ писма, кога и Вулкански и Станковски имаат дела многу „позаводливи“, „попримерени“ на овој сегашниов - „нововековен“ - контекст) се надоврзува на втората: кои сме и што сме со тој багаж што го имаме во главата?
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Се превидувало дека повеќе станувало збор за „детски“ фантазмогории отколку за еден коруптен, презреан, декадентен „интелект“.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Тој ја разбра алузијата: - Сите тие албански преродбеници, писатели, кои попаднале под декадентните западни шеми на образованието, во нашата земја каде што владее доктрината на социјалистичкиот реализам мораат да бидат подведени на строга ревизија, посебно во однос на нивните ставови кон религијата!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
- Пак ли тоа говори во Вас декадентниот Фројд?
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Денес го замолив Превер само малку да ме одмени или да украдам барем од неговиот гениј Но зборот кој плени не доаѓа лесно Заглавен в челуста на мојот ѕвер Не излегува низ грлово тесно А јас кутриот волонтер Несреќен ко осамен солитер Прогонет ко декадентен Бодлер Корисно сакав да направам нешто...
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Се сеќавам, во време на Панк наездата, еден мој школски другар целосно предаден на ерозијата на музиката, потрупан со амблеми на декадентниот рок, пред портата, на тогаш единствениот, универзитет во нашава Македонија, со цинична насмевка ме извести дека факултетот го влечка со години затоа што не може да се разбуди на време и ги преспива испитите.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Макар што содржината на оваа дисертација десет години по нејзината одбрана во Париз, во неговата родна земја може лесно да го чини глава, според тајните домашни универзитетски рецензенти жедни за брза кариера и подготвени да му го заземат местото на можеби единствениот докторанд, во докторскиот труд на Климент Камилски вриело од „прозападните декадентни идеи во воспитувањето“ кои не биле во согласност со социјалистичкото воспитување на детето и доминирале просоветските идеи во времето на Информбирото во неговата земја!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)