демон (м.)

Пред очите наши, затрепкани в уплав, тој беше демон што сечеше тела; на одмазда гласник да казнува секогаш решен насилни, пљачкашки дела.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Зар некаков демон кон пропаста стрмна нѐ турна. Браќата мои под ридон ко рибите насуво тогаш во борбата бурна, да се прпелкаат видов.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Не е моја работа да барам дали некој зол демон на Бугарија ни ги има направено сите лошотии бугарски нам на Македонците.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Демонот во него беше преголем за да се провлече низ решетките на канализацијата рамно до земјината утроба, за да стане отровна риба со кал во жабрите.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Дури ноќта, несоницата со цвилежот на запалената кучка те тера да ги протеруваш нечесните демони од себе, да се тресеш од лазењето на инсектите по жилите, да завиваш под јорганот, додека на стотина метри од твојот кревет, гледачите пред провинцискиот театар, уредно наредени во семејни кругови, чекаат да ги подадат билетите за вечерашната премиера.
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
- Во колипката, Мајката го осознава последниот таен чин на бесконечната обнова на величествената прокоба на змискиот праотец, звездениот двигател, кој низ постојана жртва ги совладува демоните на минливоста.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Сега кога комунизмот е мртов, потребни им се нови демони.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
После едно труење што му го загрозило животот почнува да слика религиозни слики. 1911 го запознава Џемс Енсор чиишто слики на маски вршат врз него, љубител на демони и тролови, трајно влијание.
„Маргина бр. 36“ (1997)
Демонот, духот зол во вас влезен е: зарем со оган ќе го уништите Синот Божји? Зарем верата не си ја знаете?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Лицемерие и неблагодарност. О, неблагодарност, „ти демоне со мраморно срце“.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
О, неблагодарност, „ти демоне со мраморно срце“!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Го видел. Можеби навистинаа го видел својот нажален демон.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
3. Време, Човек Драма, Сатурне: Јас станувам носечки лик, противник Ти почетна сила, нагон кон целината; Јас тапкам одовде-донде Ти кружиш цикличен, прстенест; Јас им се подбивам на повторувањата Ти повторуваш, ретко но редно демонски син-хроничен, цел; Јас бришам, ишкам епохи, слушаш ли, епохи, ех да можам да летнам Ти гледаш од високо пишуваш и леташ.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
О, секое одење по печурки разговор е со демонот на преобразбите Овидиева тема, протејски мерак подотворање на умот најава на оностраниот моќен сурат на стерната, стијата, привидот и тоа најмногу кај оние кои на овој свет се мислат свои на свое.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Емил Сјоран во амбицијата на владеење ќе види дрога, која од оној што ја зема во преголеми дози ќе се здобива со демонот на моќта, која често завршува во диктаторски делириум...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Речиси немаше балкански народ кој немаше своја јаничарска историја, која упорно ја бришеа победниците од својата свест, ја потиснуваа до дното на нивната потсвест, за да избие еден непознат свет со сета потискувана експлозија, која најмногу се одразуваше во демонот и делириумот на владеењето.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Во тие моменти, кога почитуваниот се наоѓа на судбоносното распаќе, (во дошепнувања со анѓелите, или, не дај боже со демонот) ние, неговите блиски, и тоа не по наша вина, изговараме многу слични, или речиси исти реченици.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Со еден збор отворено му се ругам на мојот потчинет, иако сум свесен дека она неуморно демонче демне над секој мој неизречен збор, го лови со акробатски скокови и му го поднесува на мојот потчинет на начин што јас не можам да го одгатнам.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Дури, ми се причини, дека тоа демонче и раката ја подаде како кога проверуваме случајно да не врне.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК