завист ж.

завист (ж.)

Достините јадења и пиења: мазник, ракија со мед, булиња, погачки на тенкото сито, на црковната трпеза предизвикаа чудење и завист кај витолишките невести и мажи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Беше некоја чудна завист, што ги здружуваше уште посилно со тој негов сосед и во тоа немаше ништо навредливо.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Постојат желби да се владее со други, желби да се има нешто што го немаат други, па како што се вели тие други да пукаат од завист.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
- Чувајте се, да не ви падне сенката во темелот, ни рече, оти ако си ја заѕидат сенката, ќе ти се одземе здравјето, вели, или некоја завист ќе ја ненавиди куќата и жената и цел живот невиден ќе се шеташ, вели.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ми се накрева некоја завист и потреба за омраза, за одмазда.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Потоа луѓето со завист го гледале пресреќниот Доце Срменков кога отишол да се проубави со чиста кошула позната по многуте везови од дните на неговата младост кога Фиданка Кукникова се тркалала со своите врснички в прав.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сестричките, жена ми и свеска ми се како зависта и пакоста. Да не се најдат заедно.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Тоа е толку многу видливо како жена ми гледа што се случува така што лесно би можело да дојде до скандал, сестрите да се фатат за коси, но жена ми го гледа и тоа дека сестра ѝ со завист гледа во гениталиите што нејзе ѝ биле на располагање во животот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Две турски гастарбајтерки со завист ја посматраат неговата жестока вештина.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Ако ова е премногу сложено, мора најнапред да се преправа дека не ја чувствува страста што навистина ја чувствува, потоа да ја глуми страста што не ја чувствува и да се преправа дека некои силни напливи на огорченост, омраза и завист се невистински, или не се случуваат, или се нешто сосема друго.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Знаење - Постојат три вида на знаење: Критика - Кај лошите писатели се раѓа 1. сѐ знам, то-ест надмен глупчо, 2. не како завист кон добрите. знам, то-ест, обичен глупчо, 3. ништо не знам, то-ест, разумен човек.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Апатија, хероин, злоба, завист, пакост, “усмена трач литература”, перфидно или брутално (бирај) сјебување на било каква иницијатива за подобро, и тоа обично од оние првите до тебе, павловски истренирани да ги вадат своите бедни ножеви на било кој обид да се прекине инерцијата.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Радоста се заменува со некоја чудна состојба која во дневникот е запишана како презирање и омраза меѓу нас а сега би рекол можеби повеќе завист.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Таа исто така предизвика еден вид завист кај него кога му кажа дека нејзиниот најголем проблем за време на Двете минути омраза е - како да не прсне во смеа.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сосетките не ја криеја зависта и љубомората кон неа. Кон сите нив.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Следен од непријателски борбени авиони додека летал над Индискиот Океан носејќи важни пораки, тој го приврзал за себе својот митралез како тег и скокнал од хеликоптерот во длабоката вода, заедно со пораките - крај, рече Големиот Брат, за каков што не е можно да се размислува без чувство на завист.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Завидлив беше Писмородецот, и затоа, во моите сказанија си го претставував отец Пелазгиј како молец, или барем се утешував со помислата дека во некој претходен живот (во тоа чудо, претходен живот, само јас единствен од сите отци верував) засигурно и верно бил молец, оти зависта ваистина е молец: таа, како и несреќната животинка ја јаде рубата во која се родила: зависта го јаде срцето, ја нагризува душата, го сакати телото.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тоа му пречеше цел живот да биде среќен: зависта не му дозволуваше да се насладува со она што го има, оти постојано се вознемируваше со желбата по она што му недостига.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Душата твоја во тој миг мека стана како преѓа во која се сопре отровната стрела, се успокои, оти стрелите на зависта ништо не му можат на мекото, кое ги умртвува, а од тврдите, камени ѕидови на суетата се одбиваат како од тврдина, но во нив оставаат дупки.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
- И јас! – признав. – Па, што дека – си реков – Игбал вели дека зависта и љубомората се природни појави и дека треба да се признаат пред себеси.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Повеќе