лажен прид.
лаже несв.

лажен (прид.)

Спротивните аргументации не даваат можност да се најде која е најправата и затоа Македонецот решава дека сите се лажни и дека има само една непобитна вистина: Македонците Словени се Македонци и Словени, следствено, треба секој Македонец да ги чува интересите на својата татковина и на својот народ, а не интересите на пропагандите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Димо пак го направи Бина будала што не зема стотина лири и почна да му докажува и нему, како на неговите старавинци, оти грчка наука е вистинска наука, а бугарската лажна и украдена од грчката.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Ι Со лажна убавина ги обвива предметите и им дава облик на вистинско збивање.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
3. немир Но веднаш доаѓа нешто што личи на превез од плач оти е многу густа поплавата од изневерени спомени па долго треба да рониш додека се уловиш себеси – шкољко од премногу лажни и премногу ретки бисери Оти е голем тој град со огромни риби од улици што безредно пловат по немирното езеро од сонце во кое лесно би можел и безразложно да се изгубиш
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Потоа ќе дојдат со замисленост на лажни лингвисти да ме изнесат покриен со чаршаф а од просектурата, играјќи си со секакви ножици, пилички и скалпери, ќе соопштат дека се случило без нивна вина.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Од полуотворените врати на секаквите куќи кон мене зјапаа баби со лица на црцорци и тапоносни агенти: оџачари со мердивани за да подгледнуваат во туѓи прозорци, попови со оружје под прешироките мантии, предводени пензионери на патерици и во излижани облеки на риги но со полициска цел во голите и збрчкани тикви, маслосани асфалтери со замачкани муцки и со душоваднички нокти на прстите, пожарникари, лажни студенти на државни бицикли, продавачи на зашеќерен сусам.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не смееш повеќе со нив да се дружиш, нивните зборови се лажни, нивната љубов е лажна, така мило ти се насмевнуваат додека им паднеш в раце, додека те зграпчат, потоа како малечко ѕвере ќе те фрлат во кафез, во строј, во редот, во проклетиот дом.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Лажно е времето, лажни луѓето. Не одеше поинаку.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Останав да стојам без движење и без сили да се соочам со тајната што можела да му биде позната на некој веќе покоен чиј живот можел да има значење токму заради она што било и што е во него; куп безвредни книжни пари со восочен лик на некој монарх, записи и стари писма, чеиз и неразделиплен невестински фустан, секира на злосторство, фајанс, сребро, часовник со мртво време во механизмот, некаков пергамент, ферман акт на судбина, библија под черупка за клетва на непознати заговорници, ограбени тасови и кандила од наш западен манстир, суво ерусалимско свето дрвце, зографски платна, книги, алати, ископано, камено торзо од Стоби, шандани, присокриено брашно во некоја гладна година, мошти на лажен светец, трговски тефтери, бројници, ретки ткаенини, поскурници и дрвени распетија, беговски појас под јатаган, билје, мелеми, збирка на инсекти, коски, гниеж и претчувства, една невидена и невидлива магија, но таа, во допир со живиот свет, ќе го изгуби значењето и ќе не осиромаши за една загатливост.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Одам на лекар, ми велат: лажни болки.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И божем онемува, тој ш лажниот поштар.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Држи се, Небеска, овие не се лажни болки, си велам, и се затресувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во тие очи е оној настан што подоцна ќе дојде неизбежно како што доаѓа утрешниот ден: еден нов Микелајн, со лажно име Липа Рипс, придружник на руската принцеза (Рубинка Фаин можеби под друго име) отмено го живее својот живот во срцето на Турција.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Одвреме-навреме ќе се пронесеше вест низ селото (вистинска или лажна) дека го виделе Анко во некоја пештера во планината и џандарите започнуваа со потера.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Долната вилица му се тресела пред тоа, ја слушале ѕвечавата приказна на здравите катници и веќе без збор на надеж, рисјанско сочувство на утеха, па макар и лажна, бегале од лепливоста на неговото грлено штукање.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Останатите измислиле некакви лажни имиња и презимиња.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Во салата влезе командантот на послугата, во свечена униформа, со лице вкочането од лажните зулуфи, приоѓајќи му на професорот Артур.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Проблемот на евалуација во преведувањето, тесно поврзан со веќе споменатите проблеми на нискиот статус на преведувањето, им овозможува на критичарите да дадат своја изјава за преведените текстови од позиција на лажна супериорност.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Така Декарт ги започнува своите Медитации тврдејќи дека сите негови убедувања можат да бидат лажни и затоа тој ги отфрла нив како неверодостојни.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Општествените научници што го користат својот авторитет за предвидувања, претставуваат само лажни профети.
„Маргина бр. 21“ (1995)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК