пламен (м.)

А вие, клети ајдуци, од огин раци дрпнавте, пламенот уште не вивнал, и се во дворци прибравте.
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Од кај исток се распука модрината на ноќта и небото прво зарудеа во црвени пламења, а после од некаде зад планината изрони и усвитеното коло на сонцето, кога бегалците избија на прашниот белузлав пат што се извиваше како змија по грбот на планината.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Си згрнал народ под Гоцево знаме да стресеш ропство и темен гнет в народни срца запалил пламен да фрлат јарем султански клет.
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Шумно лисје низ гора се стели, в честа гора гори силен пламен, а крај оган седат борци млади, ечи песна од јуначки гради: „Се бориме под Гоцево знаме!"
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Тогаш од автомобилот се појави разбушавената глава на Баждара, црна, зла, со модри пламеничиња во пропаднатите очи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тој плачеше и го гледаше пламенот. Прилегаше на предив маѓесник.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Жолтото јазиче на пламенот се извиваше и бараше излез од стаклото на зачадената ламба.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тоа е огништето каде што се вали оган, пече леб, погачи, булиња, се вари манџа, топли вода и каде што во зимните студени дни се греат домашните на пламенот и жарот од сувите дабови и букови дрва.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Петко слуша, ги запланува рацете на пламенот, потшмркнува, ги брише седите мустаќи и кротко одговара: — Сполај му на господ, Ристе, здрави сме и живи на саатот, здраво живо од сете на кој пита кој праша.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Но за жал, транспортот беше ја поминал Црна на врпските лаки и мостот гореше во пламења.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Одеднаш ветерот дувна посилно, го отвори капакот од прозорецот, го тресна од ѕидот, и ветерот, влегувајќи во одајата, крена прав од огништето, го разбушави пламенот од борината, го остави малку да се исправи и потем надојде посилен и го угасна.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Дедо Бошко се ведна да го крене некако Мирчета пред да излезе, кога – здогледа како борината ја потпали сламата што беше наоколу и пламенот се шири.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Во меѓувреме на скалите се појави жена му со запалена борина в раце, таму подзастана чувајќи го пламенот од ветерот и кога го смири, ја крена борината над глава да види што станува.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Се сети на настанот виден во детството; на ножот светкав како влажен рибји стомак; на проѕирниот лак што го остави зад себе проклетиот челик пред да ја пробие ленената кошула; на темната лочка крв која не беше растопен пламен на малини; и на дебелите стакла на жандармеровите очила.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Течноста како пламен се лизна низ грлото и во широка поплава се разлеа во него.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Поправо, јас и не ги најдов нив, туку местото кајшто беа тие, пред да ги разјаде пламенот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не знам колку време бев така наведнат; кога се исправив сета соба беше в пламен.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Детето моли, но сега лицето му е суво и свети од некој внатрешен пламен.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
1. Еден Циган без цигулка Еден Циган без Циганка Еден Циган без дружина донеса денеска Замижано над постела тој стегаше раце суви борејќи се со некого заздиван Па наеднаш грабна дизгин невидлив и атот игрив го потера сиот в пот и распеан Но в час коњот се исплаши и се сопна Тој извика на уста со топла пена румена Не го крена коњот сакан Не намести нови жици Под чергата в пламен сета замолча Еден Циган без дружина еден Циган без Циганка еден Циган без цигулка однесоа денеска.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Напаѓа жарје и пуза по покривачите што беа повеќе од трска и штици, и, дури да се забележи пожарот, чаршијата вивна во пламен. Му кажаа на кадијата за случајов; тој нареди да се гаси пожарот, а само длабоко се замисли: Ама пис милет, анани... ана!
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК