привилегија ж.

привилегија (ж.)

Таа привилегија на еден дијалект, поддијалект итн. да биде орган на литературната реч – според учењето на историјата на јазиците, им се дава ним не по некакви особени естетски предимства, а по чисто практични причини, т.е. по стекот на историско-културните околности.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Малечките балкански државици, што се заинтересирани и ги поддржуваат пропагандите, во прво време ќе ѝ се расрдат на Императорската султанска влада затоа што ќе им ги пресече „вековните“ привилегии, но ќе помине време и тие ќе се примират со отстранувањето на пропагандите, зашто тоа отстранување ќе биде во нивна полза: ќе престанат да ги праќаат во Македонија своите милиони франкови, од кои за нив никогаш немало и не ќе има никаква полза.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Решија и отидоа, но кадијата не сакаше ни да чуе за некакви привилегии, а поднесените фермани си ги кладе во џебот со една иронична насмевка.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Од сите поранешни привилегии им ја оставија само таа, да живеат на Имотот и да управуваат со Потковицата, да не мораат, како другата христијанска раја, да работат на полето, но и да опстојуваат делејќи го со неа, со своите довчерашни отроци, тоа што ќе преостанеше по толкуте давачки: покрај приходите од полето, од шумите, од ливадите, од лозјата, ним, на султаните, мораше да им се исплатуваат давачки и за патиштата, и за поилата на добитокот, па дури и за блатата и мртвиците во кои жителите на Потковицата ловеа риби и береа шамичишта и врбови прачки за кошари и кошеви.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Државата таа музика ја пушта како привилегија.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Привилегијата на phonѐ не зависи од некаков избор кој можел да се избегне.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
7. На луѓето коишто чувствуваат дека им е грабнат нивниот сопствен социјален идентитет, прафашизмот им доделува една единствена и најчеста привилегија: дека се родени во иста земја. Тоа е извор на национализмот.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Во сите овие статични, примитивни општества, мислењето е привилегија на оние што го контролираат оружјето.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Каква мачна привилегија!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Постариот тип социјалист, кој беше обучуван да се бори против она што се нарекуваше „ класна привилегија“, заклучи дека тоа што не е наследно, не може да биде постојано.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Резултат на свесна политика се дури и повластените групи да се одржуваат блиску до работ на немаштијата, затоа што општата состојба на недостиг го зголемува значењето на малите привилегии и така ја увеличува разликата помеѓу една и друга група.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Ја имаме таа привилегија.“
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Јас паѓав; сѐ почесто паѓав во одвратната мрежа, во која се заплеткував и од која ме вадеше стариот аѓутант; дури и одењето ми стана привилегија.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Б бадијала - без пари, бесплатно, залудно батакчија - измамник, неранимајко башибозук - нерегуларна војска, паравојска беља - несреќа, невола, мака, тегоба, искушение берат - повелба, декрет, заповед, издадена од султанот, со која се давале разни права, привилегии
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Добро, тоа јавно никој не го кажуваше но веројатно многумина мислеа дека без нас праведноста немаше да постои!
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Истите овие привилегии ги потврди и кралот Волкашин, таткото на овдешниот јунак од приказните Крале Марко.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Митрополитот им припаѓаше на оној редок вид предводници што таа позиција не ја разбираат како привилегија, туку како високо достоинство, како морална обврска, како етичка и возвишена, не како прагматична и утилитарна вредност.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Залудно. Пропаѓаат неговите надежи во старите привилегии при средбата со колаборационистот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Како можел да делува совесно, во многу тешки услови на живот, и при тоа да ги брани одбележјата на културата, уметноста, јазикот, како се изборил за привилегијата: да бидат сочувани сите овие богатства?
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Не можат сите да бидат просветлени. Тоа е привилегија.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе