пченичен прид.

пченичен (прид.)

Се спуштија други во Стан; и по куќите, вични, бараа пченични лебој, Доведоа оттаму десет ергенчиња лични: некој да служи ни требал!
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Потоа жените со нејасно лице оставиле околу плочата по залак леб од пченично брашно и ја напоиле со вино земјата во која ги забуцале танките свеќички или боринчињата натопени во смола.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И како што гние арското ѓубре од свои внатрешни и болештини и топлини распаѓајќи се и станувајќи храна за пченичното зрно, да вивне тоа зелено, така и од дневниот спокој вивнувала увереноста дека ноќите се кратки за да се искожурчи од вековите измисленото чудовиште и да стаса до нив.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Собрал од самоникнат пченичен клас зрна и ги фрлил во ореницата. Од зрната се развиле класја.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
И зрното на сочинението, првиот ред, како и зрното пченично се сеќава на некоја мината пролет, се сеќава на претходните сочиненија во кои бил настанет, па еднакво постапува како и тогаш, и раѓа еднакви и себеси подобни зборови, гласови и редови.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Не мина многу откако ги примија првите плати, обајцата донесоа по една вреќа полна со брашно, едното пченично, а другото пченкарно, сеќавајќи се на Татковата вреќа брашно, која одамна престана да ја носи.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Тргна. Натоварен со тешка вреќа пченични зрна, која неизмерно му тежеше, првин тргна по патот, на кој можеше да сретне само луѓе и нелуѓе, низ чии што очи се наѕираа поткренати на прсти, доблестите или стрчеа искри на гнев, кои му предизвикуваа збунетост, до степен на треперење, наежување.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Насредина на нивата глинена чинија. Во неа има само толчен лук, сол и вода, а жетварите сркаат од неа, мешајќи ја таа таинствена течна храна со црн пченичен леб, за да ја победат жегата.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Бидејќи немаше доволно пченично брашно, мајка ми го месеше лебот со една четвртина компири.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Се изжалува и се издавува во себе изговорливото свирење; завива кавалот, се потсмирува и заличува на шумолење на зрело пченично класје, се разбранува како немирен лет на сокол, се шири, ту паѓа, ту се подига, разбранува, согорува, истиснува солзи и незапирливо тече, лета кон домашните прагови, кон кратките љубовни мигови, топлите и незаборавни скришни бакнежи.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
А за баба и дедо, бидејќи немаа заби - киселица, по мерка две шепи пченично и по една – ’ржано и пченично брашно и се печеше во черепна под сач.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
За добрите денови - за црковни празници, именденови, крштевки и селски панаѓури, за гости и за праќање аскер и во туѓина, од чисто брашно, само пченично, се месеа погачи, кравајче, пред Велигден - леб наутлија и за в црква - прескури и пупчиња - жените им ги раздаваа на децата по завршената богослужба.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)