треска (ж.)

Богомолската треска ги опфаќаше преоѓајќи од еден на друг како коњска мува.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Баждар се изгуби, нè остави во шепите на неизвесната судбина, а Пенчо се превиткуваше пред силната жена чиј спокоен и мек глас ме доведуваше до треска.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
А тој имаше многу - три маслинки и една детска играчка, па ќе прскаа од нив, заедно со неговата крв, млечни трески кора и црвени парчиња памук, сите заедно за да умрат.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
И почна да открива непознати димензии протегнати во бесконечност и во нив растргани облици, претстави за кои во врелината на треската нема чудење.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Шепоти ноќта од воздишките на мочуриштето, се стивнува пламенот. Шумоли треската.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Но да им се вратам на почетоците. По нешто, сеедно дали бев известен или моите сетила беа со претскажувачка сила, знаев дека проживеаја многу ноќи во треска.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во оние години кога убивав малигани... Сѐ додека не се нурна во треската, нејасно, скоро не сакајќи, мислеше на малата девојка од паркот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Млакиот млаз врз врелиот тил за миг го отргнуваше од треската па се враќаше кон креветот и мислеше дека ќе го победеше мракот еднаш за секогаш ако во бесполезните години ја проучуваше хемиската супстанца на таинствената светлост на светулките.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Треската го мачеше, како крт му ги глодаше зглобовите, затоа се жештеше - „Не сум ни комформист, ни медиокрет, затоа ме сметаат за луд.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Запаѓаше во нездравиот оган на треската и во поматената свест претчувствуваше нешто што немаше сили да го избегне. и постепено се губеше во морничаво бладање.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Следниот ден Арсо одново паѓа во својата треска.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
„Знам, ми рече таа. Но, болен е. Има треска. Вчеравечер цела ноќ не беше дома. Настинат е“.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Во претходниот ден на ова место инженер Александар беше откопал мраморно стапало од човечка нога, па сега, нестрпливи да дознаат понатаму, зафатени од истражувачката треска, сите копаа со мисла: ќе успеат ли да го пронајдат и телото од скршеното стапало.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Од долги проучувања и набљудувања, веќе имаше и свои заклучоци: ако ѕвездите од северната страна започнуваат како престоени цветови да венат губејќи ја бојата и сјајот, претскажува дека ќе фатат големи болести по луѓето: улери, дамли, трески, тифуси, офтики, чуми, бисерки, приштови, заушки; по ајваните: шапови, бутури, метили, лигавки, сараџи, красти, струпци; по кокошките: слепило, вртиум; по кучињата: беснило; по полето: каклици, жудилки, глутници, спарини, мемли, скувалки, пепелаш; по дрвјата: пајажини, гнилачки, имела, трат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Целиот пат до градот Полин се тресеше од страв како треска да го тресе.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Кога заврши пиењето, кога заврши ракијата, селото се смири, започнаа луѓето да спијат со денови, со ноќи, да се излежуваат под сенките на дрвјата како некој да им гмечел на снагата или како лоша треска да ги тресела.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Чувствувам и гледам веќе земјата како ми пука под нозете суви усни во стотни трески.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Му се обраќаа довикувајќи го - црвената треска што трепереше во водата, - разголените гради на нашите жени, - молњите скриени во молитвениците на монасите...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Горе, на небото, под сонцето, Се слушаат крикови, павкање и крцкање на крилја, како трески да се кршат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
тој распалил едно ситно: лиду, лиду, лиду, лиду, и ние играме, ама лабаво, ко кал за црепни да газиме, не ти носи душата да играш делнички и со пијани војници од таму си некаде, од мајчина им, не си за никаде, мочано време, и се нишаме небаре треската да не фатила, се правиме тресиопашки, скокаме наситно, а старшијата само ја ситни свирката и тогаш пукна пушка и старшијата ја олабави гајдата таа писна и занеме и во гробиштата влегоа други војници, кај ќе бараме и за овие кокошки, си велиме, и излезе еден поголем од старшијата, со едно кило петлици нареден, и вели: отечеството крвари, а вие играте, и колкумина имате српски војници, прашува, ами колку што забраа Србите, велиме, колку што им требале и броиме на прсти: Насте, Петко, Митре, избројавме дванаесет.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК