фанатик м.

фанатик (м.)

Се ујдисале двајца старци Новопогрчени фанатици, Ме одделија од Илија, Од мој Илија — златен делија.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
- Се слуша дека овие страшни, неизлечиви епидемии се негово масло, дека крвавите наезди на источните фанатици ги предводи лично тој, престорен во белобрад старец со огнен поглед или во генерал со наежени мустаќи.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Таму, замислете, има семејства со три до пет кози, има козари – фанатици со цели стада...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Па заклучуваа оти е голем партиски фанатик, готов да го види умирањето на своите деца, само да не скршне од линијата на партијата во врска со прашањето на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ласиќевиот Крлежа стана општествен конформист (во смисла на „хегеловската прагматичност“) затоа што престана да биде фанатик на бескомпромисната моралност со „димензија на библиски пророк“.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Идеалот поставен од Партијата беше нешто огромно, страшно и блескаво - свет од челик и бетон, свет на монструозни машини и на застрашувачки оружја - нација на воини и фанатици, кои маршираат напред во совршено единство, сите мислејќи исти мисли и извикувајќи исти слогани, постојано работејќи, борејќи се, триумфирајќи, извршувајќи казни - триста милиони луѓе сите со исто лице.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Некој љубопитен фанатик во Министерството ( некоја жена, можеби: некоја како малата жена со песочна коса или како темнокосата девојка од Одделот за проза, може да почне да се прашува зошто пишувал за време на паузата за ручек, зошто употребил старомодно перце, што пишувал - а потоа да достави информација во соодветната установа ).
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Колку и да беше предан, во него немаше ни трага од онаа исклучивост што ги одликува фанатиците.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Нема да речам фанатик, не затоа што тој збор упатува на еден вид патологија, туку зашто навистина не би било точно.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Тој бил краен фанатик и мошне непријателски настроен против македонските заточеници.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Имаше во таа негова запршка разни лути зачини: еден дебел камионџија што се заканува секому што ја оспорува историската вистинитост на неговата вера, еден ѓоа-научник што ги учи децата дека луѓето и диносаурусите се создадени во ист ден, една згодна девојка што смета дека Бог ги мрази педерите, еден пастор што намлатил дебели пари од продажба на своите молитви на ДВД, еден американски сенатор што верува во доаѓањето на Судниот ден кој ќе потепа пола човештво, еден протестантски проповедник што е убеден дека хомосексуалноста е болест, еден рабин што го толкува Холокаустот како заслужена небесна казна за неговиот народ, еден арапски музичар што се залага за верските права на муслиманите вклучително и правото на ликвидација на бласфемичарите, една мајка што ги убила своите деца затоа што Бог така ѝ наредил, еден оџа што попува дека света задача на неговата религија е истребување на неверниците, неколку мормони што веруваат дека луѓето со поинаква боја на кожата се грешни, разни исламски маченици што вршат самоубиствени акции, колони христијански фанатици што паѓаат во фанатичен транс, неколку Евреи што трескаат глава од ѕид, неколку претседателски кандидати што не веруваат во теоријата на еволуцијата...
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Меѓутоа стариот Бургиба, кој му ја донесе независноста на Тунис, како фанатик на политиката чекор по чекор по мирен пат благодарение на својата стратегиска мудрост ја обезбеди првин автономијата, па потем неизоставната независност на својата земја, но и како признат мудрец во земјите на третиот свет, и покрај болеста и изнемоштеноста, ќе го најде вистинскиот мудар совет за својот забрзан гостин: Пријателе Арафат, да сум на ваше место, јас би ја искористил историската шанса за да ги кажам вистинските историски зборови пред преставниците од целиот свет!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Тоа е времето, кога според Камиј Демулен, револуционерите- фанатици го оживуваа култот на масовното и крвожедно жртвување, како некогаш мексиканските свештенички кои барајќи нови жртви, во Монтезума извикуваа: Боговите се жедни!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Имаше многумина пуристи и фанатици кои пристапија кон целосно укинување на нетурските зборови, а за многу интелектуалци, службеници на државата, јазичните измени предизвикуваа комични ситуации.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)