амал (м.)

Во тоа време, кога Србите од кралот и министрите до последниот српски амал се националисти и наоѓаат за нужно сите да се сплотат во едно за да ги достигнат со општи сили народните идеали, Бугарите се цепат на социјалисти и секакви други – исти, кои најмалку сакаат да ја оправдаат пословицата дека соединувањето ја прави силата. – Туку сето тоа е резултат на политичката зрелост на народот: Србите во текот на цел век ги изработуваат националните идеали и ги изучуваат националните интереси, а пак Бугарите го прават тоа само во 1/4 век.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
НАЦА: Пополека стапнувај, немој како амал со двесте оки товар на грб.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Кога ќе се опиеше, се бацуваше со амалите, липаше и се издушуваше некако шушкаво. Тоа ги развеселуваше луѓето.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Амалите и чистачите на чевли се пикнале под стреите и се греат на запален весник.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Го носел сам за некој од амалите да не направи „забелешка“ за тежината.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Сане Сандин е амалин, еден од оние што секој, барем од мојата генерација, ги памети под друго име, од друг град, но со слично чувство.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
А како не ќе го знаеја кога тој беше единствениот амал во градот од наша вера.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тој викаше, тој мавташе со рацете како последен амал додека сите се завртија да го гледаат, а чаушот само мирно стоеше пред него и дури не посегна ни по пушката, за да го смири овој будалетинка.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Разни бадијалџии, редум со амали и ѓупци, и со секаков друг џган, се кикотеа одвај во неговиот врат, зашто не достасуваа да бидат високи како него.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сите со смеа го спомнуваа прочуениот гарнетист Енвер-чауш, кој во пазарните денови толку се занесуваше и на мегданот пред Капан-ан ги свиреше своите мајстории пред пазарџиите и амалите.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сакате амал, носач или сопатник кој ќе Ве допрати до Вашиот дом?
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)