ајдут (м.)

Ако млади си години по друмишта, по патишта в младост горка распосејав - погледни ми право в очи: ти ли беше што пееше „Ајдутин мајка не рани...
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Неговите најдалечни, сигурни знаења допираа до некој си дедо Велко, кој бил колибар, но и ајдутин, па на ајдутски начин и го завршил својот живот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кој може во ајдучка планина да фати ајдутин.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Врзаниот ајдутин го ставиле на средина, да не им избега.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го позастана малку коњот и виде дека Трајко ги задржа Турците, му ја пушти уздата и го потера полека нагоре, дочекувајќи ги другарите по него, и како секогаш што правеше, си ја викна својата мила песна: Не плачи, мајко, не жалај, мори, Оти ќе станам ајдутин...
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И Турците се острелушија; се уплашија дека ајдутите навистина можеле ноќеска, несетени од никого, да се префрлат преку авлиите на чифлизите, па и тие, на чело на своите раетини, се дадоа во потера.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Но зашто и тие, и војниците сместени најгоре на Чауле не можеа да се одбранат од ајдутите, во 1873-та, кога беа изградени општината и училиштето, се симнаа во Потковицата и горниот кат од општината, речиси целата општина, ја претворија во ујќумат.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ќе станам ајдутин, вели Лазор. Ќе го отепам Хаџи Ташку и ќе станам ајдутин.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога стигнал со своите голтари до Скопје, она што никој не го памети и што го запалиле австриските војски на честитиот или никаквиот цар Леополд, ајдутот Парамон дошол пред књазот Карпош и му рекол дека ќе се бори на негова страна за човечки правдини.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Врело побрзав. „Дедо му бил ајдутин и ...“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Затоа се собрале во Едрене најсилните јаничари и пошле на арапски биниши да го бараат ајдутот Парамон.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не стигнав до гробот божји, туку судбината ме доталка тука зашто коработ ни го нападнаа морски ајдути, дружината ми ја убија и патот тука ми заврши.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Третиот ден, уште на ранина, уште неосвестени од она што се случило ноќта, придружбата на мојот прапрапрадедо, неговите слуги и камилари биле исечени од сабјите на ајдутите, така што немале време ни да офнат ни да залелекаат.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Зашто, веќе и така се слушаше дека во Блатието се собирале некакви ајдути и дека турската коњица таму везден патролирала.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Некој арамии, некој ајдути тамо шо ги складирале, шо ги криеле некое време, во тиа времиња.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
Два века сте биле ајдути и џандари.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Во балканските јазици меѓу другите зборови со турско посредство, преминале и неколку зборови од унгарско потекло како: ајдут, бунда, варош, долама, катана, кочија, паланка...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)