сади (несв.)

А, беше, ми отиде лозјенцето... Еј, лозје мое лозје, токму како во песната: „Јазе те садам, кој ќе те бере...“
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Видов, ја видов в горнана мала, Босилок садеше, карамфил прашеше.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Тутуни садиш, тутуни нижеш, тутун таговно у монопол редиш, ме споменуваш и ем си жалиш денови - крепи тешки си редиш — Величко, мори, другачко златна!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Мажите ќе ораат, жените грутките ќе ги кршат, бавчите ќе ги прекопуваат, ќе садат грав, лук, кромид, пипер, зелки .. .
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Луѓето наследиле од дедовците навики и знаење; напролет го садат компирот на онаа педа земја што ја имаат, се веднат со копачките во лозјата зад ридот, го следат со очи снежното окопнување во дабовиот честак; налето се виткаат над компирот да го прикријат со тврдите грутки, ги колнат ненаситните кртови, чекаат дожд; наесен го слават гроздоберот и вардат - што помалку леб ќе се изеде, сѐ повеќе зрна ќе се засеат ораниците.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тогаш ѝ реков на Билјана: - Праскава што сега ја садиме, ќе биде твоја.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
- На нашата ливада ги има како да сме ги саделе! - рече Кирил.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На јужната страна на валогот, таму каде што поточето веќе навлегуваше во Рамните Ливади, во папратот што пред десетина години го разорале за да садат компири, откриле траги од некаква стара населба.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Летно време, во привремените колиби и трла излегуваа од селото и други луѓе, косеа, жнееја, садеа компири, но од доцна есен, па сѐ до пролет, освен во исклучителни случаи, кога ќе наминеа ловци, кога ќе ноќеваше кај некого од нив шумарот или кога ќе им дојдеше некој од дома, старците беа сами, како да се наоѓаа во прогонство.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сал една изорал бразда ламбени шишиња да садиш, а веќе кубе „светли влакна“ од брадата на бога...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Со фалење може злато да се сади и врз облак мермер- кула да се гради.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
А солта, пустата, ни се сади, ни се вади. Кај ќе ја најдеш? Некои одеа, бараа, копаа земја.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стомниња, бардиња, грниња, на ти тебе толку, дај ми мене олку, мора, нешто да сме згрешиле, вели, и царот веќе одел на дрва и на ќумур, вели, сега мечката свирела, а царот играл, стомниња, бардиња, грниња, од ќуспе масло не се вади, и шути за нас на мечката, ја јаде крлеж под опашка, вели, и царот садел компири, стомниња, бардиња, грниња, вика Толе Грнчарот и си шеколка по патот, се оддалува, како подиставен од умот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Како раката од господ да ги садела, рече Велика, сигурно сте родени пролеќе.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Потоа луѓето се нафрлија да купуваат алатки за работа: искупија плугови, гребла, копачи, мотики, сорови, клинци, шари и зафатија да ги поправаат куќите и плевните, да ги ораат нивјето, да сеат, да садат, да ги режат овошките; го тераа добитокот да пасе по планините и високите места каде што тревата беше чиста.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Се поздравуваат со Дај Бог, често се крстуваат со Перун и Митра, во нивна чест, во чест на овие старославјански божества, садат перуника и ги виткаат портите, вратите и прозорците на куќите со зеленило.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во воздухот вее издишката моја Во земјата пее искрата моја, Со која семето го садев, со која Леите ги вадев, издишката моја.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Луѓето наследиле од дедовците навики и знаења; напролет го садат компирот на онаа педа земја што ја имаат, се веднат со копачките во лозјата зад ридот, го следат со очи снежното окопнување во дабовиот честак; налето се виткаат над компирот да го приткријат со тврдите грутки, ги колнат ненаситните кртови, чекаат дожд, наесен го слават гроздоберот и вардат - што помалку леб ќе се изеде, со повеќе зрна ќе се засеат ораниците.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Многу од овие растенија се саделе и во времето на свети Наум, а низ вековите се обновувале и заменувале со нови.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе