тантела ж.

тантела (ж.)

Очите по навика му се лепеа по сивите тантели од пајажината.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- После... во собата... балдахин со свилени тантели порабен... - И ти во балдахинот?
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тие уште повеќе се зачудија кога од колата изнесоа во корпа, наредена со тантели и панделки, крупна бела мачка.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Пред вратата од катедралата стојат Богдан и Марија фатени под рак; Марија во едната рака држи букет цвеќе; облечена е во невестински фустан со широки набори и тантели, стегната во половината како балерина, а на главата бел превез и венче; Богдан е во црни алишта и со бело шамиче во малото џепче; насмевнати се, весели се; крај нив се неколку машки и женски прилики и неколку дечиња раштркани и неподготвени за сликање.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Нежно изработено, како да е тантела, а не метал.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
- Што е тоа филигран? - Фина, нежна изработка од сребро или од злато што личи на тантела – ми објасни.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Во десната рака, најчесто, носеше стаклено бокалче за вода, покриено со утлеисана тантела, на нозете пандофли со црвени туфки, облечена во лито фустанче со карнери околу вратот и ракавите, со ситен чекор на балерина или на препелица.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Чекаше. Секоја саботна вечер, таа го отвораше невестинскиот ковчег, ги вадеше, ги ветреење и редеше невестинските шејови: првин својата невестинска руба, сета со чипки и тантели, белата невестинска шапка венче со прозрачен долг вел, белите чевличиња со срмени копчиња.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Иако, мајка ми отсекогаш сакаше девојче и во периодот на блаженост, од полиците на дуќаните ги имаше испразнето сите розови тантели, кои подоцна мораше да ги носи брат ми (фала му на бога што не се сеќава на тој период, а и фотографирањето не беше толку зачестено хоби).
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Нејзините фотографии се појавуваа по весниците поврзани со зборот анархија, беше упадлива по својата неупадливост – наместо деликатните фризури на тоа време нејзината коса беше едноставно кратка, наместо фустаните со тантели, машни, вештачки цветови, и ленти, беше првата жена во Виена која носеше панталони.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Кога ќе забележеше дека не можам да го следам во она што ми го кажуваше, правеше еден гест кој ни беше како поздрав, а и како знак да ја смениме темата за која разговаравме: со врвот на показалцот ми го допираше челото, па врвот на носот, па усните, и започнувавме да зборуваме за нашите мечтаења – посакувавме да заминеме за Венеција, само тој и јас, Венеција, која во копнежот по нашето заедничко постоење во тој град трепереше онака како што замислувавме дека трепери Месечината во водата на венециските канали, Венеција, со архитектура налик на тантела, која видена во книгите за тој град, пред нас во нашите замисли постоеше пореално и посилно отколку пред очите на многумина од оние кои биле таму, Венеција, секогаш кога ќе ја споменевме, како во некоја игра си ги приближував поддланките, спојувајќи ги местата на пулсирачките жили од двете раце, ги извивав малку прстите, правејќи така гондола, и запловував со гондолата- раце по воздухот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Инаку, Анастасија кога не е зафатена со секидневните обврски и кога е вистински осамена најумешно ги средува тантелите на спокојството токму во спалнава.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Таа душемето го изриба, спростре од влезната врата до мијалникот черга исткаена од остатоците од нејзините износени фустани, на прозорците стави тантели, а на стаклата плетени пердиња.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Дента беше цел ден во офицерскиот дом на последните припреми, отиде до дома на кратко да се истушира и спреми, се облече во едноставен светло лилав со ситни бели точкички фустан од жерсеј кој на ивиците беше украсен со едноставни дантели.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Поголемиот дел од заемките се во врска со модата и облеката како: тантела, мода, палто, пантолони, пантофли, подра, потини, фистони џакет и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)