безгласен прид.

безгласен (прид.)

Лист по лист кини лист по лист нижи лист по лист превртуј, притискај, лист по лист милно, таговно реди и на долга низа од капки пот и надеж со клетва и зелена јад, со корав поглед на очите матни по кревките лисја ж'лтозлатни прикаска горка на живот клет нанижи безгласна а така јасна.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Затоа и не забележа. Колоната полека заостануваше, се разредуваше и нескладно се збираше а во својата безгласност на стара хармоника со закана шушкаше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Кучињата се вратија дури кога стадото го помина исушениот поток на кој како непроѕирна сенка умираше стара безгласна воденица.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Стоевме еден спроти друг. Безгласноста и вкочанетоста, негова и моја, ги следеа секакви очи од ѕидовите.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Модрата челуст на мракот е безгласна, под влажните покриви на куќите болуваа од жед по него многу девојки со топла кожа.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
На гранките висеа безгласни, бледолики ѕвончиња.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Само не вака. Не вака, со овој свој гостин, што трепереше онака исплашено првата вечер, а после што ти даде можност да ги споделиш со него сите оние свои најоптегнати безгласности на твојата самота, сигурно дека нема да можеш, човече.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сигурно уште покукавички и од она заскимтено молење, со кое се одзва притивнато и колку што се може понечујно и неговиот мршар во близината, која не можеше да остане безгласен во таа морничава химна на гладот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Денес ќе се гриземе, ѝ зборуваше во себе, онака заздишан и безгласен, на сета таа глува скаменета шума околу себе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
...раката подигната во мигот да го заштити лицето од ненадејниот блесок и додека сечивото на светлината се забива во неа низ сенката низ слабоста на погледот препознавам како утрото истечува од случајно превртената шоља за чај лизгајќи се по жолтеникавата мирисна патека долж која треперат ларвите на прекршениот бескрај... ...тогаш низ напукнатите ѕидови на воздухот што раката ги распорува на повратокот кон долу твоите заробени очи на презреана девојка безгласни а сепак меланхоничниот звук на флејтата очите твои нејаки оази на осамените ноќи сред сјајниот цут на светлото потиснат шепот на бледите траги по врелите јужни патишта...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Си го слушаш само безгласното плачење од радост дека пак си се вратил меѓу живите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Господи, со очај се мачев да разберам. Можеби само ги мислам своите прашања и можеби сум веќе безгласен и глув, мртов или пред умирање, нападнат од момчешки соништа!
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Потоа пресметале колку што умееле и биле задоволни - суви, ковчести, долгозаби, повеќето од половината со руси заткарпатски бради: во мракот на ѕидиштата, освен воденичките камења што ги немале, можеле да се згрчат двајца: едниот да оглувнува од тракањето на прплицата, безгласен и со сув душник под дрипавиот минтан, живо тесто од крв и брашно, другиот со воздишки да стои зад прозорчето и со секира или кременка да ја брани селанската мака.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Чудно беше колку брзо наеднаш станавме безгласни.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги слушаше речиси безгласните коментари, или така му се чинеше дека не е далеку денот кога градот ќе го завладеат козарите со нивните кози, дека не е далеку денот на белата, козја контрареволуција, кога неговата фотелја може да ја заземе козарот со титовка од козја кожа.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Исправени нагоре кон сините светови на тишината, неговите мисли и мислите на брат му пловеа заедно со неа, безгласни, ведри меѓу островите од облаци кајшто спијат дивите молњи.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Нашиот безгласен разговор гардистите на Мортенија не можеа да го слушнат. Со своите весла господареа над реката.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Ме обвиткува ноќта, машината, безгласна, лежи на масата.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Малечката Пелагија сериозно чекори меѓу нив двете, ама дека срценцето ѝ е полно со радост кажуваат нејзините очи исти како сината срча на небото кои ту се лепат на одвај видливата насмевка на мајка Перса, ту на сериозното лице на мајка ѝ која како да води некој безгласен разговор во себе.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Како низ лут чад што штипе во очите, пред поткосените коленици му се прелеваа една во друга некои сцени препознатливи, а далечни: замрсено клопче од отуѓени луѓе со забавени движења што плетка нешто во безгласна кавга каде да се легне мртовецот - дали да остане на троседот или да се испружи на масичето со висната глава и подвиткани колена додека да дојде нарачаниот ковчег; помалиот син, Гоце, кого не можат да го одвојат од постариот и кој не само што му ја стиска туку и му ја тресе раката, постојано повторувајќи „бате, бате” во пуста надеж дека некако ќе го разбуди; жена му, не помирена ами умртвена од смирувачките средства, веќе забрадена во црна шамија, одеднаш остарена, преполовена и смалена, стопена како грутка снеговна на дланка, со прачки од раце во празниот скут; свеќата што гори над дамкосаното чело на Нако, што станува восочно до проѕирност; миризбата од козметиката на снаата, нешто меѓу темјан и колофониум; мувла од пештерска црква, а сè во мансарда од новоградба; испиени лица на светци од икони а само смртни грешници со подуени модрини под очите.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи