бос (прид.)

Зашто тие се голи и боси, туку и зли се како оси, ако ги разлутиш...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Да беше ден исто така можеше да се види дека сликата е од едно четиринаесетгодишно дете, босо и облечено во измаслени работнички алишта.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
И бос и прашен, агата вџашен бега - зафрлил фес...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
- А сега каде? праша Петко. - Јас ќе спијам во автомобилот, рече Пенчо; посрамено гледаше во своите боси нозе.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Потпрен со босата нога на стариот форд, важен и самоуверен, Петко го објаснуваше својот план.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Неизбричен, начичкан со сиви, остри игли, тој гледа само со белките на очите во моите боси нозе и безгласно ја отвора големата уста. Небаре е нем.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Грчките четници — андартите — не беа голи и боси како „бугарските“; тие дојдоа испроменети во црни фустани, бели ѕиври, со букви на врвовите, а ќостезите на саатите, крстовите што ги носеа на гушите, ѕвечеа од сребро и злато, подресени со лири, обружени со куси синавери, тие изгледаа вистински евзони како на свадба или на гости да тргнале.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Најстина си гола, боса, не си како виа нашите овдека, токо ти си тука родена. Лесно ќе си свикнеш пак на работите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Такви се, свату — сваќе, такви! Голи, боси, гладни, ако и кабулите — да ваќаме рака, ако не — вие живи, ние здрави, ќе си го бараме сете чарето! — им велеше Ѓуро на сите идни сватовштини и стројници што идеа да му ги бараат неговите „бендене моми".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Војна на неколку боси деца. Улица и беда на нив, сѐ до крчмата.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Човекот се клати пред коњот. Само понекогаш ќе се заврти наведнат за да ги види зад колата босите нозе и ќе воздивне. Не од тага. Од замор, од тежина на жегата. И пак продолжува да размислува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не, не, ќе мора малку и бос да оди. Тоа е економично.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Да ги однесе ли чевлите на поправка и да оди некое време бос или да продолжи вака додека не ги искине.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во тие мисли вратата се отвори и на неа се појави стара жена – Турчинка со бела коса, боса на влечки, во широки шалвари.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И тие ги гледаа во мислите своите деца претепани, измачени, гладни, голи и боси како газат во студената кал, како се тресат ноќе затворени во студените аништа, и... најпосле како сите ги обесил султанот во Стамбол.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
А босите нозе, како да не ја допираа земјата - лебдеше таа во воздухот и танцуваше во чудесен унес...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ме посети гувернерот на Рајските Острови.“ Шлапкањето на босите нозе разбранија сѐ околу себе - и вода и слух.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Отец Симеон беше морепловец - бос и гол до појас, во тесни платнени панталони завиткани до коленици.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
По патот газеше некој во правта со боси нозе.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Цепенко брзо клекна и се спотаи среде набуената царевка. Босиот продолжуваше да оди по патот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Повеќе