витли несв.
вител м.

витли (несв.)

Понекогаш Мил низ прозорците ја гледа борбата на ветровите што често се собираат над селото да се бијат; се бијат, Северецот и Југот, Источникот и Западецот, а во таа борба понекогаш се замешуваат и помалите ветрови и почнува еден општ метеж, хаос; час еден ветер зема превласт, час друг; во таа жолчност се кршат дрвјата, паѓаат ќерамиди од куќите, се рушат оџаци, пукаат прозорците, летаат снопови 'ржаница, паперка; се откорнуваат фиданки, младици се витлаат, лисја сламки, пеплишта; фиукат ветровите, урликаат како дивина, се витлаат по земјата, се креваат нагоре, фаќаат широк простор кон небото, и пак се спуштаат над селото и над брегот раскинувајќи го и чадот од дувалото во таа нивна борба.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Но гледајќи ја војската која ги имаше запоседнато положаите над селото, гледајќи ги војниците кои се врмзлаа низ селото, коморите со јадење и оружје што врвеа низ селото, нивните повремени вежби, одново му затреперија оние со мака залечени нерви, одново му навреа сликите од фронтот, одново го заплусна бранот на сеќавањето: зафати да го витла, да го бреца, да го крши, исполнувајќи го со ужас и зафрлувајќи го да паѓа, да се тркала, да вика.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Потоа зафатија силни ветрови да дуваат и го спотераа дождот; дуваа од сите страни, дуваа и од височина, се креваа и од земјата, налетуваа во бранови со прескокнување, со бучење, со завивање; ги витлеа короните на дрвјата, носеа со себе откинати гранки, валми сено и лисја и сѐ што можеа да соберат; носеа и сламени покриви од плевните, ги тресеа прозорците на куќите и втеруваа страв и во луѓето и во добитокот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)