дамка ж.
дамкав прид.

дамка (ж.)

Оди и живеј со дамки на челото, со проклетството на бога и народот!
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
ТЕОДОС: Кој знае колку време ќе се матка онаа фатена во рацете со таа дамка.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
НАЦА: Проштавај, чорбаџи, не сум видела, една мала дамка.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
По тоа влезе, зашара со батеријата наоколу и во еден момент кога светлината го закачи малку, Мече за миг му го виде лицето: под убава светла коса, сега извиткана во кадри, го гледаше по малку горделиво лице, посипан со сиви дамки.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Правилно тркалестото лице на месечината полека раснеше зад покривите; со своите дамки таа ми личеше на безгрижен човек со избричена глава, каков што гледаше од фирмата на продавницата со лотарија.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Под црвната и маслена шапка меката светла сламена коса му пагаше преку стаоречките очи, длабоко пропаднати, жолти и полни со темни дамки.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Истрив рака во прашината на ќумурот и ја премачкав мачката преку светлата дамка под увото.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ристе ја постави молбата. Суло го има чеканот за дамка, а Ристе десетина товари штици недамкосани, та „ако е кабил“ да дојде утре Сулоага да ја удри дамката да не ги носи Ристе на каракулот и да не плати кочан.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
И шумот на врелата дамка на нејзината дојка.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Се исправив кога површината на реката се ослободи од жолтите и црвеникавите дамки и, бришејќи ги со влажното теме ѕвездите од чад и замагленост, му се вратив на градот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Оче Симеоне, кога тој човек би лежел на калдрма, ситен да ја сокрие под себе темната дамка што никогаш не личи на малинов сок, што би видел низ дебелите стакла?
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Врз дамките на секирата паѓаат нови дамки. Црвени, блескави. И преку ѕидот. И врз чергата.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
„Коњак“, побара и остана неподвижен, со забуцани прсти во косата, загледан во дамките на нечистиот чаршав.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Погледнувам за миг во таванот на кој се шири влажна дамка - откако го искубав од секаквите жици прислушниот апарат, вчера, еднаш, не знам кога, во дупката се доселија глувци.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Очите му станаа две мали дамки. Низ нив пробија две усвитени игли.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Но во детството тој веруваше во легендите на својата земја: езерските пастрмки имаа црвени дамки на крлушките од крвта на ослепените очи на Самоиловите војници; во некој бунар тропаше срцето на светецот Климент; Крале Марко со една рака дигал биволска запрега за да им го покаже на јаничарите патот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Во собата, под прозорецот со неколку матни дамки од месечината, некој јачеше од задоволство, додека шишкањето на ќебето и чаршавите го избезумуваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Едвај се забележува на белузлавата земја Едип како разлеана дамка.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Луѓето зборуваат дека никогаш порано вакво нешто не се случило; никогаш ваква дамка и немаштија не удрила како сега.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Лицето како да му беше составено само од брчки и дамки.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК