декор (м.)

Наближуваше денот на премиерата. Готови беа и костимите, осветлението, декорот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во приквечерината на овој непроменлив декор од агли и суви камени ѕидишта, бликаше оној огромен свет, полн со преживувања, личности, судири меѓу нив, дива гордост, свет што преминал во минатото, но што е така јасен и жив во неговата пламната глава.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Започнуваше да се развиделува, но матно; селото имаше изглед на вештачки декор, на кулиси поставени за драматика, за морници.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Но, фантастичниот декор употребен убедливо, каков го употребува сонот, ја прави таа исповед постварна од било која заробена вистина.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
...големиот закон на природноста наспроти квадрантите промислата наспроти оправдувањето лебедот наспроти кристалот крв слободна од телото се простира пред окото зад извикот таму каде чека твојата сребрена чевличка твојот заден траг... знаците од сонот или сонувачите како алтернативци ...отежната од змиските клопчиња гранките се веднат скоро до паднатите лисја зошто оттаму од живите шуми ме потсеќаш на своите боси стопала јас не сум лошиот родител ниту ти оставеното дете тие чудовишни црнобели слики се сосема предвидлива компензација за отсатноста сонот место допир декорот го бираме наизменично ноќва се моите змии шумите следната ноќ возењето во спротивна насока распарченото тело на асфалтот крваво што го љубиш осветлена во трикото на невина балерина потоа јас летот над градот по ехото на твојот глас па ти појадокот во природа со заборавените заеднички пријатели...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Тој декор и нивните бели облеки не можат да сокријат дека е тоа некаков стар манастир чии фрески се покриени со тешки темнозелени драперии.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Покривите од манастирските објекти правеа чуден декор наоколу, а лисјата од дрвјата го оцртуваа својот црн хербариум под месечевото небо.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
На таа прва приредба ние -првачињата - учествувавме со едно рециталче за буквите: триесет и една буква, триесет и едно прваче бевме присутни на сцената и како декор, како венец од најубави цветови.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
И самите простории имаат премногу декор, завеси, бои, тапети, позлати, кристали и паравани, а на масата натрупана до таван има по некоја наказна гримаса или двосмислена игра со зборови.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Беше беден трпезарискиот декор на приземјето. Ѕидовите речиси до таванот нашлакани во кафеаво. Гледаше на еден ќор-сокак.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Не постои стратификација, цели културни сегменти само имитираат (сѐ би било супер да сме декор на некоја џиновска постмодернистичка претстава!) активност и дејност, како некакви фантазмогорични кафкијанско- надреалистички фигури осудени на пар репетитивни движења навака-натака (до министерот, по пари, и назад, да се поделат).
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Напати и самите музеи ни личат на театарски сцени во кои водичите - конзерватори ја презеле улогата на актери, а од самите музеи не може да има подобри театарски сцени, со беспрекорна сценографија и декор.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Не дочека на маж да сврти грб во знак на почит и разбирање ниту маж да ѝ се замери за начинот на којшто спие за ноќниот декор секавиците и сигналите за спас немаше кога да ѝ здодее животот.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Франција која умееше за човештвото да го организира декорот на разрешената историја, беше подготвена, меѓу животот кој згаснуваше и смртта што набргу настапи, на славниот Палестинец да му ги укаже сите посмртни почести!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Косата му беше целата залижана нагоре, а големиот орловски нос беше главен декор на неговото лице.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)