догради св.

догради (св.)

Авторот на делото успева да ги хармонизира овие две крајности, останувајќи до крај внатре наративна перспектива, односно опфаќајќи доволна наративна градба за творечкиот свет да биде целовит и јасно дограден...
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Татко му од сликарот скоро секоја година идеше од Германија и ја доградуваше, ја дотеруваше куќата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Откако отпочна тука да се шират и да се доградуваат рафинеријата и погоните за каучук, нашите градежници уште од пред повеќе од десетина години почнаа да ги удираат темелите на многу објекти, кои денес се шират на едно огромно пространство на овој петрохемиски комплекс.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Доградуваа колипки крај куќите, за козите, за сувите лисје, за сеното.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Мене ми се допаѓа дека од сите страни до неа се доградени соби и сопчиња, така што ако таа се погледне оддалеку, тогаш се гледаат само крововите, насадени еден на друг, што многу наликува на чинија наполнета со палачинки, или уште подобро, на габи, што растат на дрво.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Диктаторот е обземен, со својата апсолутна моќ, од идејата како да ја припитоми вечноста, за да ја догради својата идеолошка пирамида, внатре во облик на лавиринт со седумстотини илјади бункери во кои сака да ја сокрие судбината на својот народ принуден, осуден и жртвуван да му верува.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Така си ја дополнуваа и си ја доградуваа стратегијата за спасот на семејството, во заедничкото проверување во сопствените илузии дека излезот е тука, или некаде на друго место, или во враќањето.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
„Дали реков сѐ за Елена? Или сонот ќе го догради привидот кога ќе седне сенката во чунот?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
18. Времето се грижи за зборот зборот што го обновува Тој што му длабеше во корењето го гради доградува и виши во куќата на светот Вербата штира не е Ни неверен е зборот Убавината да му се верува на надежта е врсник И онаа земја иловица густа раката што му ја памети се врти врти и понатаму во лика нова нудејќи ја светлината нова на говорот ризата небесна нитките што ја ткаат на несвенатиот збор И уште и натаму сега од пределите на глината над запомнатата стреа продолжува тој кон муграта да гледа со стрептеж незгаснат за повтежот на говорот да го досегне реченото
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Во времето кога и обајцата беа на маргините на новата држава, во која бавно и тешко фаќаа корен научните, образовните и културните институции, обајцата нескротливи идеалисти, но надарени со длабока и изворна хуманост, која ретко се сретнува во тие времиња, пресечени во залетот од бирократизираните и кариеристички ориентирани млади кадри, со партиски амин, тие си ја доградуваа нивната нова среќна балканвавилонска тврдина.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Доста е изменето... Изградени се нови куќи, старите реновирани, доградувани...
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)