дознае св.

дознае (св.)

Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И само едно не ќе можам да ви објаснам - врискаше ли Жаклин зашто ја дознав нејзината беда или зашто ја стискав околку врат, тој врат, господа, нежен и бел како морска пена.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Знаеше секоја таква работа, која беше толку далечна од зборовите, што се чинеше дека никогаш не може да се дознае, а сепак, тој ја знаеше.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И онака еднаш моравте да го дознаете сево ова.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се завикаа така еден со друг откако дознаа дека ниедниот нема вистински брат, едно време тоа беше една нивна игра.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Затоа, ако сакате да го запознаете Зоки Поки, првин ќе ви препорачаме да ги прочитате приказниве за него, а ако и покрај тоа сакате да го сретнете, ќе мора да појдете од она што сте го дознале за него, и да го барате. Каде ќе го најдете?
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
И, како првпат да дознава, пред сите рече: - Мамо, ова е цреша! Тато, ова е цреша! Бабо, ова е цреша!
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Кога ги гледа, тој тогаш дознава каков ќе биде и самиот кога ќе е многу, многу голем. А тоа го радува.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Најпосле со помошта на сите цртачи од селото дознав дека некаков голем крокодил им ја краде стоката, дури напаѓа и на луѓе.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Ми рекоа: планот не смее да се шири. Подоцна ќе се дознае сѐ... ***
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Веќе неколку години заедно се влечеме по клупите, кои, господ да ги поживи, сѐ уште траат и ни дозволуваат да ги шаркаме и јаваме и да ги разместуваме и влечеме: зиме поблиску до печката, а лете поблизу до прозорците; палавиме и беснееме низ дворот, пред ѕвончето и по него, па дознавме дека главите без наше заземање и неусетно, од година на година, сѐ повеќе одбегнуваат и вишеат нагоре, зголемувајќи го притоа сѐ повеќе и растојанието од носот до прстите од нозете, а тоа најдобро се забележува пред почетокот на секоја учебна година, кога рецките на вратата од училиштето се слизнуваат сѐ подолу, бегајќи од нишанот на нашите очи.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Веројатно Коле нема дознаено добро: денеска или утре...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Во претходниот ден на ова место инженер Александар беше откопал мраморно стапало од човечка нога, па сега, нестрпливи да дознаат понатаму, зафатени од истражувачката треска, сите копаа со мисла: ќе успеат ли да го пронајдат и телото од скршеното стапало.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Имаше празнина во тоа негово создавање ликот на девојчето, па ќе му се обрнеше на Денко со некое заобиколно прашање, сѐ со цел да дознае нешто повеќе за изгледот на Елена.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Неговото долго траење зборуваше дека изгорела или колибата или плевната на дедо Иван? Што е вистина, ќе дознае ли?
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
По нивниот сјај, местоположба, големина и движење, дознаваше и претскажуваше: идење на болести, чари, скапии, невремиња, глад, војни.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ѕвездата твоја! ѝ свика Профим еден ден на ќерка си Царјанка кога дозна дека умот ѝ е по Трајан Блосоениот, - да не те видам повеќе со него...
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
СТЕВО: Ништо не знаев. Со вас дознав. Жими сѐ најмило.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
И, се разбира, бев пријатно изненаден, кога дознав, дека овој највисок објект во градот го градат наши градежници.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Повеќе