дружи несв.
дружина ж.

дружи (несв.)

Крсте се уплаши да не замине Стојан, како што му направи порано неколкупати, инстинктивно чувствувајќи дека не треба да има давање земање со овој „предавник" Стојан се зачуди кога го виде така весел и ја осети онаа пријатност од времето кога Крсте дружеше со нив.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сите ученици забележија дека Крсте непрестајно се дружи со Стојана и Нешка и не можеа да си објаснат од каде дојде ова зближување.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Замислете си некој со вас да не сака да се дружи и сите да ве избегнуваат како да сте чума.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Има такво нешто кај нашите борци: се дружат, залченце тврдо и отпушок делат, се бијат и се плашат еден за друг, но понекогаш во себе сакаат да ѝ се потсмевнат на туѓата неволја.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ниеден миг не ги пушти мислите напред, пред себе, постојано ги држеше по себе, крај себе, или само неколку чекори напред, но онака, како што се држи ловечкиот гонич врзан за синџирот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ете, читаш недозволени книги, се дружиш со разни другари, чие поведение не е за пофалба.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Обиди се, драги мој, да го сакаш оној што со години ќе мораш секојдневно да го среќаваш, да разговараш со него и да се дружиш.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Но ако се сретнат негде, во некоја пустина пуста кај што жед со глад се дружи, Давид ќе накостреши мустаќ и Голијат мртов ќе се спружи.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Таа се израдува кога ме виде мене, бидејќи знаеше дека многу се дружам со Марина. Нѐ почести чоколадни бонбони.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Оние што зборуваат одмерено, човечки, со желба да бидат другарски разбрани, секогаш ни се драги, секогаш сакаме да ги слушаме, сакаме да ги среќаваме, да работиме со нив, да се дружиме.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Потоа цело лето сме се дружеле со нивните песни по ливадите и шумичките, за да ги испратиме наесен со тага и грижа, дали ќе презимат, дали пак ќе ни се вратат!?
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Отпрвин само му потврдуваше со главата, потоа почна да се уфрла со по некое „да“, „така е“, „и јас го мислам истото“, а кога овој мина на проблемот на дружењето, вжештено се втурна во монологот: - Каде да најдеш искреност!
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Ајде да се дружиме, ми вели.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Морам со некој да се дружам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Јас со сите се дружам, ѝ велам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Заради маѓијата, уште од раѓањето, Анко го облекуваа во женски алишта, му ја пуштаа косата да му расте долга, му плетеа плетенки, се дружеше и играше со женски деца, и како што растеше - добиваше женски манири, се однесуваше како женско, дури и гласот му стана тенок, женски; се интересираше за плетење, везење, за шиење.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Почна да се чувствува женско поддржувајќи ги сите манири на девојчињата со кои се дружеше.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Бевме седум ученици: на прво место Љакето, тој што кркна тресеница од татка си на свети Никола; Нешко на Мија Метелов од Долно Маало, Ноаче на Дамјана Вржов – се сторија три, па Моне на Тасета Ќутурко- четири, па јас и бате Николче наш (после ќе видите што унер беше со бате Јолета наш) и седма беше Ѕвезда, чупиштето на Павлета Ќорвезирот, како што ја викаа зашто таа само со нас машките се дружеше и наместо да игра со крпчиња и игли, таа барабар со нас делкаше пушки и јатагани.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Отсекогаш ме фасцинираше физичката и душевната разнообразност на пријателите на татко ми: и флегматични дебелковци, и борбени џинки, и штрклести осаменици, и кротки и црвулици, дрдорковци и молчаливци, фрустрирани интелектуалци и славољубивци, момчаци и пензионери. Факт е – сите се дружеа со него.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Во партијата најмногу ги чудеше и ги загрижуваше дружењето и пријателството на Чанга со татко ми. Тоа им беше трн в око.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Повеќе