задача ж.

задача (ж.)

136. Таа задача би можело да ја исполни западнобугарското или шопско наречје, да не беше малку распространето и со многубројни оригинални особености што се немаат во другите наречја во Бугарија, Тракија и Македонија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Наместо тие благородни задачи, православјето сее само раздор и омраза.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Значи, во текот на последниве 25 години односите помеѓу Бугарија и Македонија почиваат не врз почва на еднакви традиции и задачи, а на чисто трговска основа т.е. едниот го експлоатира другиот.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тоа нѐ потсетуе исто така на задачата со која што бездруго треба да се нагрби секој еден културен работник од нашата Народна Република, а имено: прибирање и печатење народни песни.
„Од борбата“ од Блаже Конески (1950)
На излижаниот изгаснат политир на масата лежеа расфрлани тетретки со модри корици - писмените задачи на нашиот клас.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
— Па добро, кад ти хоќеш шуму онда буди шумар у твојој шуми, — му одговори началникот и му стави во задача сега пак тој да ги брка комитите во таа иста шума, во која него толку години го бркаа мулазимот, Рашид чауш и Шарен Мустафа, а во последно време братучед му Бино.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но, колку да не и ја одобруваа модата, многу во себе си поставија задача и тие да си исткаат по едно вакво покровче.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Крсте се покажа повреден од Стојана и Нешка и секој одмор тој им ги раскажуваше задачите, а тие слушаа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Буљукбашијата ја разбра работата и си ја исполни задачата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
МЛАДИЧОТ: (Суво и отсечно.) Досега немало задача што ми била возложена, да не сум ја извршил.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Христов се скаменува на местото и одеднаш така скаменет почнува да говори, да говори гласно и со подигнат глас, да го чуе Луков.) Освен, освен тоа, ние мораме да бидеме горди, горди што нè одбрале баш нас и нашиов дом за една таква историска, историческа, задача и...
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
ИВАН: (Доверливо.) Луков доби задача, во најскоро време и со стопроцентна сигурност да го организира убиството на Ѓорчета Петров.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Има да си ја свршиш онаа твоја задача што си ја започнал и не си ја завршил и поради тоа падна во очај.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Еден ден, додека ги решаваше своите домашни задачи, слушна: „Темјанушки! Темјанушки! Купете темјанушки“
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Признавам, рачето понекојпат сѐ уште трепери, особено кога имаме нова домашна задача.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Ќе ја чува елката како што не чувал ништо и никогаш досега. Задача си е задача.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Да се пишува дело за историска личност, уште повеќе за личност која прераснала во легенда, не е ни малку лесна задача.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
- Не знам. Тој нема му мисли за тоа... Наша задача е да чекаме...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Сандре со светнати очи и разигран поглед шеташе по нас загледувајќи нѐ сериозно де еден, де друг: - Другари, испратен сум од учителот да го свикам овој состанок и да ви пренесам една многу важна задача.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Учителот ја побара домашната задача за првиот снег.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Повеќе