излупи св.

излупи (св.)

Измисли бесмислица и тихо смеурење: месечари од цел свет, излупете го месецот како диња и загризете во него во името на вашето спокојство.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Но животот, што почнал така, зел да одминува, се затркалале една по друга годините, а далчниот свет како да ги цедеше преку триста сита добрините, што можеше да му ги искамчи за себе со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човек од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта, по скелињата, со рамото, што му паѓало сѐ пониско од тешката копанка, што ја искачувал нагоре по тие дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден се излупувало и почнало да живее едно ново здание, секогаш наново, во бескрај.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Првиот е Коле. Седи во последната клупа, па главата често ја потпира на ѕидот. Од тоа и варта е излупена зад него.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Вера ни излупи од јаболката и ни подаде на Ели и мене.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Ќе ве излупам од господ, ќе ве истружам како загорено тесто од тенџере и дното ќе го светнам со жица.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Столаријата ќе ја изглодаат црви, чешмата ќе секне и ќе ја накотат полноглавци, Благовештението ќе потемни и ќе се излупи, Архангел Гаврил ниту ќе стигне до Богородица, ниту нешто ќе ѝ каже.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Неочекувано туку ќе извадеше од пазувите да ни даде по половина рогушка, по малку суво грозје, по едно шеќерче, или ќе излупеше портокал и ќе ни дадеше по две фелчиња.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Милчо ѝ излупи и ѝ подаде едно парче.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Покрај неколку скапани штици и ’рѓосани железа, во некогашната правлива гаража доминантен објект беше каросеријата на еден исто така бивш камион, кој сега со излупена боја, без прозорски стакла и тркала, заринкан во валканата темница демнееше како препотопско сениште, како страшен тотем на некоја изумрена цивилизација.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Дали излупив доволно компири? Ми рече да излупам компири. И ако нема, да купам.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Не ги излупив компирите. Не ни видов дали има. 30" Готово.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Ми рече: „Доаѓам за 20 минути. Излупи компири и испржи ги. Ако нема, оди купи. Ајде чао".
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)