крлушка ж.

крлушка (ж.)

Но во детството тој веруваше во легендите на својата земја: езерските пастрмки имаа црвени дамки на крлушките од крвта на ослепените очи на Самоиловите војници; во некој бунар тропаше срцето на светецот Климент; Крале Марко со една рака дигал биволска запрега за да им го покаже на јаничарите патот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Нивните крлушки блескаа на сонцето во сребрена боја.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
А ако се случеше да фати риба, ќе ја откачеше од јадицата, ќе ја погалеше по блескавите мазни крлушки и ќе ја пуштеше зборувајќи ѝ: - Пливај си слободно, рипке!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Неколцина слушнале рапав шум и со грч во душите погледнале во видовитиот: чудовиштето можело да биде такво какво што тој им го опишал, покриено со крлушки и змучки од кои се цедат студени капки, расне, бабри во широчина, од крај свет виси над нив и им станува проклетство што не ќе се заборави ни под надгробна плоча.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа чудовиште било побезбожно од оние на иконите на килавиот Јаков: наголемена змија со куси и криви ноктести нозе, под зелени крлушки и со крилја на лилјак; главата, со мршојадска брада на работ на вилиците, се тресела а врз ноздрите ѝ лежеле магли.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Господи, не заборавај нѐ ... Му верувале на видовитиот дека ги следи некаков куп крлушки, заби и нокти, бездруго да се надвисне над нив, да ги поклопи и да ги стори испокинати мртовци со дрипаво месо на студените коски, сета таа бедна расфрленост да се сфати со последното делче на свеста и пак таа свест да се бори да остане непобедена.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се слуша дека во летните квечерини од реката изнуркуваат летачки змии и отфрлајќи жарчиња во форма на крлушка од крап, се упатуваат кон шумите.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Лизгајќи се по рамото како по крлушки, и по мекотата на попрсјето, тој ја осети дрочната икра што трепереше во гроздови, полна густа медовина.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Дали ги галеше свилените крлушки, знаејќи дека ги галел и тој?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Луѓе со криља, луѓе со глави на змеј и луѓе со алишта од рибји крлушки играа, правејќи круг околу нас.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Во самото пристаниште неколку кајчиња од силно лулеење превртени со дното кон небото како отруени риби што на езерската згорнина понекогаш се превртени на плеќи а крлушките им блескаат на сонцето како огледалца со кои првовљубените си праќаат ишарети.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)