ломоти несв.
ломот м.

ломоти (несв.)

Се ломиме и ломотиме. Едни се враќаат назад, други се фатиле за гуша, не можеш прстите да им ги отвориш.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Господ знае какво семе 'рти во нас и нѐ тера да ломотиме дека човек спие во пештера прегрнат со мечка како со жена.“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Не ломоти, - и невидлив се накостреши рапавиот глас. – Ќе ти кажам, ти си шупелка.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Хм, не знам што ломотам....
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Се најде кој ука да ми дава како се варди пламенчето на коренот или пак знаеш што значи некој само еднаш да ти бркни во тебе и да те остави со тежина за цел живот а тој да ја цапа дуњата заборавајќи дека некаде го запалил пламенчето на нов живот и ти велам не туку ломоти не ми кажувај како треба да ги довардам знам јас како се вардат оти угол сама го довардив тој што ги оплодил овие семчиња заминувај си од мојот сон остави ме да се соземам утре ќе ми треба многу сила сега си нашол да ме учиш што и како кога пред мене си само сенка!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
А јас ломотам, ломотам... И кога ќе се зафатиш со зборување може да се случи нишките од основата да ти испопукаат па разбојот ќе ги замрси конците.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Перса долго ги држи зборовите на малечката, толку долго што денот изврвува и стигнува Пелагија од работа и додека се пресоблекува и насекаде расфрла миризба од тутун, ѝ кажува дека малечката Пелагија е многу итра, дека зборовите се лепат за неа и ѝ будат секакви мисли, Вели со сукалото се сука пита, мазник, рашадија, а не живот! ѝ кажува Перса вртејќи се околу Пелагија додека оваа како пред сопствена мајка, ја фрла работната облека, ја открива својата стројна снага настегана во црниот комбинезон нудејќи се пред неа како нејзина ќерка без да насетува дека Перса токму како таква и ја гледа, и ломоти додека навлекува лесно фустанче на бела основа со сини цветчиња Ох, мајко Персо, сега таа е отворена за сѐ, нема нешто што не се лепи за неа, а смислата на сето тоа подоцна ќе го открива.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Скокнува и ломотејќи уште неколку збора напросто се исфрли надвор во ноќта, во длабокиот и бел снег, а по неа, набрзина поздравувајќи се, истрчува и Чана.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Ломотев, обвинував, а сепак не завршив на воденичкиот камен.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Пела цел пат нешто ломоти, прашува, сама си одговара додека баба Перса и мајка ѝ само климаат со главите без да испуштат ниеден глас.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Кај берберот Среќко го слушале како ломоти (и тоа после онаа ноќ што ја проведе со мене) дека за прошетка се подготвува.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Но баш ме боли за Јонче шпиончето и за ломотењето на Богдан.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Му напираат пијаните во свеста како во зачадена крчма, кршат и ломотат.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
15. Колку и да се склукаш со историја Не можеш да избегаш од сегашноста Беше рекол некој умен И јас му верувам Оти на своја кожа знам Дека колку и да се клукам со еукалиптус Не можам да избегам од соништата А сегашноста се полни со стари соништа Ѓоа надградени и надополнети И по секоја преродба се прогласува нова преродба Во долината на среќно преродените Никнуваат нови цркви и џамии Со ниет да бидат уште постари од најстарите На сека ритка никнуваат и големи крстови Колку крстови толку неразгатнати крстосници Никнуваат богами и нови затвори За затвореници колај работа ќе се најдат и фазла При толку бујна стварност Поетите цапаат во Петреви Вирови Колку поети толку друштва на мртви поети Сега секоја суша вели дека животот е некаде другаде Што впрочем се гледа и од брановите нови доселеници Макар што во последно време другаде не им е Австралија ами Италија Каде што се преселуваат цели села од долината на Радика И таму си формираат нови населби со роднокрајните имиња Сега засега не се чуло ни разбрало Како стојат таму со цркви џамии и настава по веронаука Но мене ме загрижува тоа што ако тој пат го фатат иселениците Нема да има кој да се доселува во Австралија А без новите доселенички приказни од Цапари Животот тука би бил ептен здодевен Како што е здодевно тука летно време Кога децата на доселениците одат во стар крај Да научат троа од мајчиниот јазик А како бонус им доаѓа што ќе научат Како се поставуваат светски рекорди во брзо донесување закони А тоа воопшто не е како олимписка трка во брзо одење Зашто таму каде што има брзо ломотење нема брзо одење
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
А и неговата тишина ја немаше, онаа по која некогаш се разликуваше од другите, она автентично, индивидуализирано отсуство на зборови, кое пркоси на нивното стандардно користење - безличносното ломотење.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Ломотењето на гласовите и ѕвечкањето на чиниите ја намалија неподносливоста на нивното молчење.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Подоцна катаден се потврдуваше дека секогаш има такви кои не веруваат во ништо, па ни во тоа што самите го ломотат во градските озборувалници.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Забриши моме пенџере и тури сарма у тенџере скалите да ги пометеш џемперот да го доплетеш Чорапи немам два пара ќе одам сега на пазар кошула ми е скината забриши в куќи прашината Цел ден со другачки ломотиш сармата да не ја загориш и ништо ако не работиш назад кај татко ти ќе одиш
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Секој курајбер во животот сајбер јак зад компјутер во живо шалабајзер згодни на слики со фотошоп слој во град да ги сретнеш грди ко ној Брат со брат лафат на чат на интернет сите животи арчат забораваат домаќинки и ручек да прават на трачарска мрежа ломотат, гњават
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Се ломотат колковите, ту лево, ту десно. Слободно.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Повеќе