мрешка несв.

мрешка (несв.)

Еве ја онаа долга улица што се мрешка од ладниот повев на тихото помирено сознание: овие мали прозорци беа полни со сон и младо утро во гранките што се препелка и имаше во нив очи со густа сончева прашинка што ја постилаа штедри пред нашиот припитомен од
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Лепливо се мрешка чадот и ја затестува сивкавата замагленост. И очите му бегаат надвор.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пролетниот повеј што иде од морето му ја мрешка косата, му ја полни пазувата преку распетланата кошула со пријатен скокот, фиука во ушите и одминува во правец на градот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Кога се подисправаше можеше добро да ги здогледа и првите модрикави гаснења на квечерините, чиишто волчешки приближени копринки напросто како да ги исткајуваа во своето мрешкање оние издолжени прилики со шилести муцки и со прекршени опашки.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тоа беше радоста што ја предизвика таа осамена капка, што настануваше некаде во стреата, близу оџакот, се откинуваше од снегот и паѓајќи удираше во некој предмет што ѝ помагаше да го везе своето „так, так“ и да ја мрешка тишината на сопчето.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тој не кажува дека се плаши, ама стравот што се гледа на нас се гледа и на неговото лице. Како сенка му се мрешка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Таа никогаш не може да се скраси, на едно место да застане: се мрешка, се мешколи, потфрла бранчиња и го подлижува брегот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Како да бев во една од куќите на Кукулино: од огниште на кое виси поцрнет котел се шири црвеникава топлина, удира во луѓето и им ги брише од лицата грижите и годините: светлоста се мрешка по земјениот под, мислиш вода е над кој минува здив на ветар: чкрта стара маса на долги нозе, на неа е дрвена карта со ракија, зад луѓето плашливо трепка око на кандило и потсетува на заборавена ѕвезда под проѕирни партали на пајажина: топло е, животот е далеку од светот на домаќините и гостите, обесената низа лук на ѕидот брани од урокливите очи на темницата зад прозорците. ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Седнав на масата над оној бел лист хартија што ме обврзуваше, што не смеев да го напуштам и да ја прекршам мојата нема заклетва на верност, и бавно и болно зедов да го пишувам пак она што веќе го спомнав, а кое божем секако треба да биде запишано: “Утрото станав и побрзав кон бунарот за сега денски, спокојно, на болскотот од сонцето, да видам како се мрешка водата и како мојот лик се топи во тие нежни бранчиња.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Утрото станав и побрзав кон бунарот за сега денски, спокојно, на болскотот од сонцето, да видам како се мрешка водата и како мојот лик се топи во тие нежни бранчиња.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во кладенецот на дното нешто ми се мрешна, ама јас жеден, подзамижан, пијам ли, пијам.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)