натовари св.

натовари (св.)

Натовари кола с жито, спрегна си волове, па си тргна в град на пазар жито да продава.
„Крвава кошула“ од Рајко Жинзифов (1870)
Го опколиле селото и конакот, го симнале бегот и го натовариле како клада на една маска и го испраќаат за Прилеп.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Државните работи му ги натовари на Великиот везир.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кога ги здогледа јарболите, помисли дека ќе ги натоварат на брод и ќе ги испратат на заточение во некои запустени места на Мала Азија или Африка.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Заспа доцна и сонуваше како го јава својот бел коњ, кого што тој пред неколку години го натовари самиот со качмите и со плугот и го однесе во задружните тремови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Со Трајчета ги прибраа падобраните и ги натоварија на Дорчо. Потоа се поздравија и тргнаа в село.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Го јавна коњчето и побрза пак да ги натовари дрвата што ги остави во 'ржјата.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Ги чекаат долу на друмот да ги натоварат селаните на камиони.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Јован тропна, ги зеде торбите и сакмата ги натовари на неговите маски и уште со два три саати рано го напуштија темното и толку омразено планинско селце.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И никој не овчи кола, никој не расточува за да ја натовари со греди, со платици, со плужици, со литри, со страки, со рала, со плетени кошови за Полјаните.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ете населба, то ест место, каде што христијанската верска догма не успеала сосема да ги надвладее паганството и митологијата, туку приопштувајќи се кон нив и испреплетувајќи се со нив, со нивните обичаи и празнувања се натоврила како со бесцени камења, и историјата, припокривајќи сосе малтер на легенди и преданија, печалела за други, за завојувачите, додека за тукашните ги резервирала страдањата, прогонствата и истребувањето, а заедно со нив правото на бој и правото од сето тоа да разгрнат епски духовни мегдани, кои, во текот на времето, неуките но интелегентни души на жителите на Потковицата ќе ги преобратат во фактичка своја историја и врз неа ќе прикрепат една колку рурална толку здрава и чиста егзистенција, која, пак, несполуките и поразите, кои се јавуваат како негација на сѐ живо и движно, ќе ги извиши на рамништето на својата вера во опстанокот и тука ќе ги озакони како судбински збиднувања во човековото битисување во овие краишта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
За припомош, само додека ја натоварат бомбата на колата, му доделија двајца копуци, но силни мажи, како него. Алекса Ризески и Дикса и Бориза Енда.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ќе ги извадиме затворачите и ќе ги натовариме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И после ќе ги натовариме мажите со нивното оружје и, ајде.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Дошла болештината, значи судбината ти ја натоварила на грб.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Натоварија на коњи и магариња најосновни работи за јадење и покуќнина и тргнаа кон подалечните и побезбедните села и градот, како во збег.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Рибарот Дејко спас побара во бегање: го натовари семејството во чун и избега во езерото; натовари и храна колку што можеше да собере чунот и живееше сред езерото, далеку од селото, далеку од допирите на луѓето и болеста.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Во тој ист вторник, иако очајот и плачењето не стивнувале, жените, дури и оние самохрани леунки и трудни вдовици наполниле неколку карти со ракија од диви круши, од грозје и од цреши и натовариле на две магариња дисаги со леб и лук, па една по друга, секоја со запалена борина во рака, пошле да ги пречекаат последните од дружината; да ја плашат со оган и писок чумата или улерата, болештина што им била позната на дедовците, еднаш, којзнае кога, додека и пците бегале од злото и се јазеле по врели карпи далеку од сите човечки патила, и побеснувале, и станувале гозба на волчи свадби или се здружувале во глутница со ревење да ги заплашуваат чобаните и бачовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дедо Мраз ги натовари шепите на мечињата со чоколадни бонбони кои куклата – убавица, со помош на џуџињата, ги извади од црвената кутија на која се потпираше.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Откога заврти од зад куќата десно, видов дека тоа Атанас Бамбо натоварил две кофи со сливи џанки и туркаше накај дома да ги тури во бурето.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК