недогорен прид.

недогорен (прид.)

А тогаш... ... Нивниот заеднички пат ги одвлече в село да видат неуредени куќи со црни стреи;запуштени и накривени ѕидишта; недоверливи ситнооки прозорци, - врз нив гнили штици, матни стакла, поцрнети стари календари; потоа: нечисти и нерамни сокаци низ кои се влечеа звуци и мириси, предчувствувани претстави за недогорени суви дрвја, кочини, мали деца, катран; расфрлани мртви предмети, ненужни и запуштени - накривени коли, одамна почнати, недоплетени огради, корита, алат; куп сонливи куќиња, кокошки, деца.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ја разгрнаа пепелта. Во кошот уште чадеа неколку недогорени греди.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Ја издува пареата пискаво и шумно и го стести просторот со задушлив чад на недогорен јаглен.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Мајка стоеше на прагот, како врата на нашата надеж, како колепка на нашите животи, како тврдина на нашата куќа, како гнездо на нашите надежи, заштитникот на нашиот дом, лебот на нашата сиромаштија, лекот на нашите болки, недогорената свеќа на нашата куќа.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ноќта во шталата Мијалче зема една недогорена гламња од оганот, па легна на крајот од шталата, до вратата.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
И токму кога помисливме дека пламенот ќе се вивне до небесата... - а солзата која последна капна го изгаси и последното недогорено жарче, остана само пепелта која никогаш повеќе не се распали.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)