неповторлив прид.

неповторлив (прид.)

Трпев достоинствено. Величествено. Неповторливо. Ќе останев на нозе и под вулканска лава.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се разбира, и тоа какво лето! Необично и неповторливо.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Повнимателната анализа на македонската народна песна, не само низ нејзината литерарна структура туку и низ нејзината мелодична линија, ми откри три света: свет на темно и болка, свет на неповторлив љубовен порив и нежност и свет на магија.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Патувањата беа неповторливи. Игрите и средбите во ненадеен низ на блескотини изненадувања.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Тој човек – тревка на старата фотографија, предаден на моментот и на себе си, како впрочем и сите тие непознати судбини, фатени во еден миг на својот, за мене недофатлив, живот, го засилија во мене чувството за неповторливоста на допирот, звукот, мислата.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Моментот е неповторлив. Ја запираме камерата и го гледаме штотуку снимениот кадар.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Потоа, секогаш кога ќе си спомнев точно на овие денови, сфатив, има толку многу нешта што брзо не се разбираат, не се даваат со голо око, толку прекрасни нешта скриени се таат во предметите околу нас, чекаат на нас, а ние слепо газиме на нив, ги ништиме тие мали, незаблежливи и неповторливи нешта, бездушно ги сакатиме.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
На сите деца коишто еден ден, кога ќе станат родители, своето детство ќе го сонуваат како незавршен сон, возбудлив и неповторлив.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Но, за мојата совест грижлива, добив утеха неповторлива, возач на Црвен Автобус станав, му носам на адот храна, разнесувам тела и магариња, им наплатувам дебела патарина.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Секако акцентот тука паѓа на интерактивноста и на оригиналното, неповторливо искуство на таков мошне индивидуализиран „trip”.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Ех, не знам како да се одбранам од твојата убавина која е неповторлива! - Благодарам, благодарам.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Пред да се згуснат изворските води и се излеат во Езерото, сочинуваа мали езерца, небаре рајски павилјони, во кои беше сублимирана сета убавина на неповторливата природа.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
И сѐ на неа е посебно и неповторливо. И облеката, и смеата, и поплаките.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Кај крвните врски, кои ни се наметнати по силата на нештата (или по божја волја), немаме многу избор – се раѓаме заради свесната одлука или не толку свесните постапки на нашите родители, без никакво учество од наша страна, и на овој свет носиме единствена, неповторлива комбинација на нивните гени.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Но, бидејќи ваквите општествени промени секогаш се различни, како и секоја изгубена генерација, тие беа изгубени на еден свој, неповторлив начин.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Јас сметам дека со неповторливо богатство се надарени само нашите лични доживувања, приказните што ние ги создаваме: разнобојни, шумни, богати, со насмевки на бои што ќе ги откриете само во опашот на паунот, и се разбира, да не заборавиме, кај виножитото.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Чиста, неповторлива лудост! И наивност.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Читањето на чудесен и неповторлив начин ги поврзува авторот и читателот.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Страв и восхит Претпоставка: Македонскиот крал премногу го сакал светот и премногу можел и премногу претчувствувал немал време, хронично немал но сепак доволно за да ги поремети дозите предвидени за рамнотежа на Просторот, и самиот без смисла за умереност - хармонијата е нешто друго, сосема само предозирана волја, отровен концентрат само неповторлив порив, рев по далечното - туѓината како вечно искушение! само силна страст по странствување per se, дури и во јазикот само вродена дарба да и’ се тутне на смртта грациозно, пагански под здолништето додека Оваа си игра божем случајно криенка-миженка митска мижитатара само сензибилитет за походи општа хиперсензибилност - просто да се спростре врз далечниот Исток ко полна месечина на полноќ - просто да го освои светот како туѓа жена со чувство на нелагодност а забраната стимулира срна истрчува на пусија во заседа, балканско дувло империјална глутница избришани, заташкани траги имагинарно писмо толку голема моќ што се втиснала во потсвеста за век-и-веков жиг на восхит и страв од повторување од повторување на судбината...
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Фигуративна солца, речита без реч! Неповторлива алогиа! Кодирана схизма!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Повеќе