ноќен прид.

ноќен (прид.)

ТЕОДОС: (Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува осмевка и ведрина, со густи, накуштравани веѓи кои го оцртуваат намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден студениот поглед; со остар, отсечен говор, кој скоро никогаш не е разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив, на најблиските најмногу, со потценување дури и презирање преку волја, како и да не заслужуваат со нив да се разговара.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Нели Раткин глас ми дочу таа ми ти пуста гора, од жал, леле, лисја рони и на Ратка кротко збори: „Дејди, Радо, пиле младо, што ал, Радо, ми те најде, та сред тоа ноќно време тага виеш, с’лзи лееш?
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Нов резок пискот на локомотивата ја процепи ноќната тишина и ... бегалците со радост усетија дека возот ја намалува брзината.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Но наоколу беше пусто, се простираше мирна летна ноќ и никој не го виде овој осамотен ноќен посетител на сламената колиба.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Само што овој втор ноќен гостин одеше спокојно, како да не му е првпат да поминува од тука и не се обзираше плашливо на секој шум.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Беше фатен во некоја куќа при ноќна кражба заедно со болникавиот Цветан.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Измислувавме прекари за луѓето - општинскиот писар го крстивме Скандалија: некој од нас чул, за нашето ноќно викање рекол дека е скандал, мајка му на Бата Жаба, Бата - Жабурче, татка му - Бастум.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Околу него врвеа темни силуети, се судираа и брзо како ноќни пеперуги се губеа кон осветлениот платнен влез.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Отпатувај ако ти е мака, ако чекаш - отпатувај пак, Возот - патник во ноќната мрака ќе расфрла нов и светол траг.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Возот патник во ноќната мрака до небето расфрлува траг.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Освен шумолењето на лисјата, во воздухот се движеа и други ноќни шумови - ут ќе писнеше, еж ќе зашушкаше во сувата трева, осамен стар лисец ќе залаеше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
А кога тој ветрец ќе умре, ноќниот небесен жнеец сиот претворен во седефен срп, силен и напнат од нагон во 'рбетот, ќе се заплетка во влажните коси на врбите, ќе ги испие од белата кора сите сокови и лудо опиен ќе потоне во првиот вир. Тој, жнејачот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Да живеам и да стојам на ноќен дожд, да сум наведнат преку железната ограда на мостот, да сум со потопени очи во надојдените води.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Секој мој збор ќе ја уништи ноќната фантазија, тихата, таинствена музика што ги обзема.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Умира ветрот и кога в зора ќе умрат и ѕвездите, со сонцето се раѓа нов ветар, чедо на една длабока ноќна страст.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Пред куќата беа двајца, два камена, стиснати еден до друг и непроѕирни како ноќна сенка.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Разбра и која е субашицата во харемот на кадијата; кој е евнухот кај каданите, што прават и каде живеат тие, колкава е заштитата ноќно време таму, и сѐ што му требаше за еден напад.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
„Кој може да биде ноќново време?“, се зачуди стариот учител и прекинувајќи ги своите мисли, стана да ја отвори вратата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
И потекоа како врела течност, кошмарно и изгубено, мали во својата неотпорност пред ноќните тајни.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Над главите им прелета буф или некоја друга ноќна птица.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Повеќе