пајажинест прид.

пајажинест (прид.)

Таа скочанета замрзнатост во оваа пајажинеста, глува тишина. Од тоа онака боцкаво зрачеа илјадниците зеници...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Проклет да бидам, и дрвјата и птиците што слетале на нивните гранки се запределиле, златни пајажинести мрежи се веат по површината. Некои чудесни гнезда, се колнам.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Писмата* Келн-Скопје од 89 г., што се пред вас (драги („)маргиналци(“) и творјани), се наоѓаат тука од три причини: првата и апсолутно доминантна е онаа естетската; станува збор за една комплексна, измамнички автореференцијална и во крајна линија лирска во своите пајажинести структури, приказна, всушност Дијалог (воспоставување Разлики што искри Креација!) меѓу два прилично различни духа чиј што фантазмогориски набој се судира на тоа чудно поле на епистоларната проза; втората причина е обидот едновремено да се воспостави како разликата меѓу тоа “fin de siécle време” (кога медиски суптилно дозираниот но континуирано експандирачкиот фашизам на Милошевиќ и неговата клика од глупаци, слуги и разбојници, почнуваше да се прелева преку чашата и полека да ги разјадува и онака тенките шевови на „вештачката творба“) и ова време (на нов почеток, како во нов век, на некој начин, без доволно артикулирани репери и со многу неизвесност), така и сличноста, што можеби најмногу се согледува во таа потенцирана артифициелност, маниризам можеби, ескапизам дури, што, на некој начин, самата уметност и е, гледана од тој беден политикантски агол; третата причина (зошто токму овие „декадентни“ писма, кога и Вулкански и Станковски имаат дела многу „позаводливи“, „попримерени“ на овој сегашниов - „нововековен“ - контекст) се надоврзува на втората: кои сме и што сме со тој багаж што го имаме во главата?
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
И кога го составив со мозаикот, кога целото стана Едно, и кога се укажа целата слика на царевата ќерка под колената мои (оти на колена клечев додека чинев невидливото да стане видливо), сфатив дека сум пајак средето на своето завршено дело, дека ме заробила целината, завршеното, дека самиот сум центар на сочинението од рацете мои, дека сам сум се затворил, сум се заѕидал во тоа чудно здание, храм пајажинест.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)