плоди несв.

плоди (несв.)

Колку што можев да се сетам во некои куќи живееја, се гонеа ноќе и се плодеа секакви мачки но сосем црна не беше ниедна.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Веднаш потоа од него се изгуби и јазовецот кој порано тука се плодеше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Нѐ ништеше, ама овој нѐ плоди, овој нѐ држи!“ го нишаа плодникот в рака.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
* Седам во тремот додека врне дождот а чинам дека тече по мене по моите вршки и лисја по моите гранки по стеблата по корењата по моите мравки тече по мојата шума по мојата земја по мојата мисла тече по мојата изненада закопана во брчките го брише мојот уплав мојот страв мојата осаменост во бесоницата во трептеж во напуштеност врви по дамарите мои се вовлечува во моите очи дождот што ме буди што крепи што плоди и јас станав извор што ѕвони цвет што се шири плод што се дрочи додека живеам и растам во оваа стара шума на моето постоење во вишнава гора во шумниве лисја.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
И сега талкам по патиштата на веков кон незбиднатите дни а чувствувам од оковот на зборот се ослободува градината оставена бали од облаци врз плешките ми тежат под нив се движи градината и цути и се плоди прецутува и гние и постојано расте под грлово туркајќи го да излета надвор зборот на верноста болот на разделбата Како сенка што се менува а не гине ни в ноќта.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Некогаш тука имаше едни млаки Една воденица зад млаките висока бреза среде гробиштата птици што разговараа со неа на нејзиното наречје перачка на јазот со црвени коленици и голи дојки сонцето што ја поземаше за раце и ја вглобуваше нејзината сенка врз ѕидовите и вратите на домовите како живо писмо до сѐ што ќе се плоди низ иднината...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Во тој миг сакав да го убијам тој невиден простак; во тој миг ми се згади и од Луција; веќе ништо не сакав, во мене имаше само гнев; тогаш, пред вратата, првпат помислив дека најдобро е да се замонашам, да си ги отсечам на еден симболички начин гениталиите поради кои страдав, да се самокастрирам, да ги оставам сите овие влекачи и инсекти околу мене да се плодат и да се размножуваат до бескрај; своите песни да му ги испејам на Бога, а не на лукава и притворна жена, или на некој дволичен Хор; сепак, чукнав уште еднаш, но тој поворно не одговараше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Волшебната тајна на гласот твој ме буди со копнежот пред-потопен болот ми го плоди, од сегашноста ме краде, мајчинство ми нуди небаре носталгија на боите, до исконот ме води.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
И оди тој И сега чекорот негов ги гази трњето патот на сонцето што го замрачува Пат од бигорот на осамата до осамата на зборот светот што го мисли и плоди И тие што чекаат среде гороцвеќе и птици Гласот му го препознаваат веќе што огрева во песната на неменливата радост Чекори и не се обѕира тој Сам да се биде и пак со сите истата ѕвезда на надежта што ги води По зорницата тој оди во несоницата на песната што наближува
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)