повреден прид.

повреден (прид.)

По нив остана само една црна крвава паласка во снегот и неколку расфрлани прамени волна, а уште еден раненик, кој не беше толку умен или кому му беше повредена токму таа жица од инстинктот да молчи, заминуваше со бесно и продорно аурликање кон шумата, насобирајќи ги по себе сите тие глади и раздразнувајќи ја уште повеќе со својата вкусна животворна крв стрвната сурија во сета нејзина безбожност.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Така повредената нога бидуваше зацврстена да не се движи, да не се мрда, за да може да зарасне.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ами нешчо друго да направиме, ќе ме послушаш ли ти мене? — го праша по третпат и остро го погледна кон повреденото место.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Повредени педери, вели, гадни работи, да не ти кажувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Понекогаш, ја заклучуваше во најмената соба над кафеаната „Боеми“ и ја оставаше да го чека, кога, околу полноќ, ќе се втурнеше смрдејќи на алкохол и цигари, хистерично се обвиваше околу него, го љубеше очајнички, збивташе како повреден пес.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повредена, неговата свест се повлекуваше пред бледиот ужас.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Англиската поетеса Елизабет Барет Браунинг, уште како дете била тешко повредена во една несреќа, па во текот на целиот свој живот земала лауданум за да ги олесни неподносливите болки.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
„Јурни по него.“ Гласот му беше празен, длабок и ужасно повреден.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Веројатно паднала право врз повредената рака.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Партискиот интелектуалец знае во кој правец треба да бидат преуредени неговите сеќавања; тој, според тоа, знае дека ја изигрува стварноста; но применувајќи ја двомислата, тој исто така се уверува себеси дека стварноста не е повредена.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Знаеше ли Филозофот што му зготви мојата гневна, до срж повредена душа?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Можеби тоа беше утеха која го редуцираше целиот свет, го сведе на една точка; можеби тоа беше психолошки механизам со кој мојата машка повредена суета се бранеше од реалноста; но можеби таа опсесија беше, и тоа сега првпат отворено ќе го кажам – остаток од некој мој претходен живот, од некоја моја претходна инкарнација.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Но сега веќе беше доцна за помирување и љубов; јас бев преплашен од Луција и од нејзиното тело, таа беше повредена, јас гневен за нејзиното неверство, таа гневна на мојата одглумена сексуална рамнодушност, и конечно јас бев до срж унижен со тоа што песнарката се најде во рацете на Партијата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Толку многу бев повредена од нејзината постапка, што никакво сожалување од моја страна таа не можеше да очекува.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Итните случаи ги носеа на носилки како повредени фудбалери.
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Грд но безвреден потег на повредена жена на која и се завртело в глава дека јас сум ја потпишал заповедта да му се национализира богатството на оној нејзин кулак!
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Таа тоа го направи мирно, иако беше повредена во душата; го напушти без да се поздрави со него.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
При одлучувањето за барањето за надомест на нематеријална штета, како и за висината на нејзиниот надомест, судот ќе води сметка за значењето на повреденото добро и за целта за која служи тој надомест, но и за тоа со него да не им се погодува на стремежите што не се спојливи со неговата природа (чл. 189, ЗОО).
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Првичната проценка на докторот, колку што се сеќавам тогаш, беше дека повредената нога ќе ѝ биде покуса, за некој сантиметар! Татјана ќе криви!?
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Дали можеби е од тоа што сум повредена или пак не сакајќи се кренала ѕидна бариера, наречена недоверба.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК