подига несв.

подига (несв.)

Најнапред треба да се рече дека не е вистина тоа што го велат оти сега не му било времето да се подига прашањето за народноста на Македонците.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Нашите противници велат оти сега не му било времето да се подигаат национални прашања во Македонија, кога е зборот за едно сносно постоење на сите народности.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И тие што се од последните, не се да го чуваат и да го подигаат значењето на Бугарија, а да го намалуваат и да го исмејуваат, и себеси и својата држава.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
(Бара клуч во палтото и од како го наоѓа отклучува, но кога го подига капакот и некој ризи очите необично ги отвора и паѓа — седнува пред куферчето).
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
АНА: (го подига). Леле што бил тежок!
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
САВЕТКА: (која скришно од време на време ја подига главата и ја гледа што прави и се сретнува погледот со Антица).
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Кога му дојде мисла оти покрај жена може да го обрадува и со некое детенце, за малку што не рипна од постелата да го зграби дедот Петка и да летне, да ја земе Доста и да се најде дома каде ќе го гледа тоа дете, ќе го хране и подига, ќе биде и тој татко како сите среќни луѓе, ќе се радува на тој негов створ и ќе умре на неговите раце.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Бугарите ја изгубија битката и Ѓурлуковци се вратија со своите чети назад во Бугарија, a Јована го оставија да го подига духот кај „македонскија б'лгарин".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Оди со здравје и носи многу поздрави на вашиот Истанбул – го испрати прилепскиот кадија првиот гласник лично до силниот султан Сулејмана со тешко обвинување против мариовските бунтовници што подигаат бунт во срцето на големата турска империја, кога таа беше на највисоката точка од својата сила, од која се тресеше цел свет.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
За напад од Тиквешието требаше да се подигне скопскиот беглер-бег, a трето, кадијата се исплаши сам на своја глава да ја подига таа акција да не претрпи пак пораз кој може да го налути султанот та да настрада.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На прашање прв подига рака.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
ЛЕНА: (Ги подига очните капаци) И, го убедивте?
„Го сакате ли Дебиси“ од Лазо Наумовски (1973)
Другата мајка, ако се реши татко ти пак да се ожени, како таа што ве родила нема да може да стане, но може пак да биде многу добра и да ја засакате, зашто ќе ве гледа, ќе ве подига во добри луѓе.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Оргулите грмеа, подигаа на нозе.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Излегува сред џаде, раширува нозе и подига и рака и патерица.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Тенорот го подига последниот збор и гласот останува за миг да виси во растреперениот ноќен воздух и секнува песната колку за да чукне срцето посилно, градите да се наполнат со воздух.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Бавно се подигаат градите, се слуша тешка воздишка, а потоа со јазичето си ги навлажнува испуканите усни кои притоа се собираат во болен грч.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Подигањето на чифлизите стана така што мајсторите и потковичаните (нив, на последниве, тоа посебно тешко им падна: покрај што беа катадневно ангажирани во градежните работи, кршеа и довезуваа камења, сечеа плитари, бичеа греди, газеа кал и мешаа малтер, мораше да се грижат уште и за исхраната на мајсторите, за полето и за домазлакот) најпрвин го одредија просторот на кој требаше да бидат подигнати идните чифлизи, потоа истиот тој простор од Имотот и од селото го издвоија со широки сокаци и високи камени ѕидови.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога Турците сопственици на чифлизи почнаа да си заминуваат од сета Пелагонија и од Потковицата и да се населуваат во градовите, тоа стана по бојот помеѓу орлите и штрковите кој во 1901-та започна на Алилово и се пренесе во Беговски Ловаѓе, односно тоа произлезе од страв од она опачно претсказание што го срочија христијаните по победата на штрковите над орлите, дека му е блиска пропаста на царството, жителите на Потковицата од своите бегови купуваа земја во близина на чифлизите или во дворните места на чифлизите и на новооткупената земја подигаа живеалишни куќи и се делеа на клонови.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе