попладне ср.
попладневен прид.

попладне (ср.)

Некои ја примаа оваа порачка молчешкум, други изгледаа пропаднати од недоумение кај да најдат пари, а неколкумина попладнето на деда Бошка му дојдоа дома да го молат да му рече на арамијата да им се смилува, да не им сака, зашто немаат од каде да најдат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тоа попладне нешто се случуваше. Од гранките на врбите паѓаа секакви птици и се вкочануваа, пеперугите и вилините коњчиња се распаѓаа иако штотуку ги рашириле крилцата, малечките свенуваа.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Те барав цело попладне по крчмите.“ „Ме бараше да го продолжиме роденденот?“
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Да легнеш подалеку од сите сенки и да ги гледаш и да ги плачеш тие мајки на сите стоења и на сите вишнеења без птици, стебла. Да легнеш и да молчиш е ова попладне крај брег симнато в песок со една во вода со друга нога застанато.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Има ова попладне прсти од блискост од свое. В месо да ти се вовлече и да молчи тешко и изморено, капнато да се протега под кожа во коски во сѐ што си и што не си.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Зашто ова попладне има прсти од блискост од свое в месо да ти се вовлече капнато да се протега под кожа во коски во сѐ што си и што не си. И не стој се искачи рекава го мина брегов ќе плисне врз тебе ти трчај да не те стигне сево попладне зад себе што го оставаш дур не го изгасне. Трчај гори попладнево.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
8. Попладне се врати од плажа изморен и гладен, без динар в џеб, се врати во градот и во себе си, како што се враќаат јагулите на мрестње во една вода.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
МЛАДИЧОТ: По мене дојдоа во два часот попладне.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Кога запролети тие двајца знаеја да го затворат своето дуќанче и во неделните попладниња да заминат на фудбалските натпревари.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Потоа пак ги чекаа нестрпливо неделните попладниња, за да заскитаат низ полето или да одат на стадионот и да се изразвикаат, од каде се враќаа во вечерите со по една изморена топлина во градите, за сето време продолжувајќи го оној свој ниеднаш непрекинат разговор за светот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Запали цигара и запре тука, откривајќи дека попладнето веќе одминало.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Па, кога попладнето дојдоа дома, уште не го ни слече палтото, тој се поткачи на едно столче и – чуп! – седна врз масата.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Цело попладне Зоки пречекува гости.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Во тој ноемвриски ден, попладне, илјада деветстотини и прва година, низ Битола се рашири веста: „Баш комитот дошол во Битола и тоа дење.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Попладнево Секула се врати од град. Но премногу уплашен.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Ќе се удави! - ќе се чуеше престрашен глас на некоја жена што сигурно ова попладне првпат дошла на плажата.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тоа попладне во разбрануваното море немаше ни пливачи со душеци.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
А се знаеше: скоро секогаш околу пет часот попладне, по патчето што низ угорницата обрасната со маслини, се стрчуваше преубавиот бел коњ со својот мал, црномурест јавач.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Попладнето, одморени, осушени, нахранети Бојан, татко му и шумарот се упатија в село.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Што да правиме со Кротка, дедо? - праша Бојан попладнето, кога се врати со срната од Заветна, каде што ја пасеше, држејќи ја врзана за јаженце.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе