порок м.

порок (м.)

За какви пороци говориш ти? Ние ќе го збришеме гнилежот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
За каков порок, за какви низини говориш ти? На високо си ти, недостижна си ти, Ана!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Да те води само порокот, а не и разумот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Сѐ повеќе нечистиот започнува да владее со вас, луѓе... Многу пороци и неприлежности се натрупале во вас: злоба, блуд, похота, кражби, лакомија, грев, дволичност, лаги, клевети, лицемерие, хулење, омрази, алчност, прељуби и друга нечистотија...
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Ме носи под земји, ме крева Над облаци, ме гори од мрак- До зори, со сласт и пороци Таа река која гори, гори Да ме согори, да ме измами Со жарот, од боговите дарот, Кога сме тажни и осамени Сами од себе заборавени?
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Зевсовата Пандора, создадена од иловица со душа на магиски ветришта го отвора ковчегот на Прометеј како жена на бог на негов брат и ги пушта меѓу луѓето злите духови - тегобноста, слабоста, лудилото, страста и порокот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ме поткрева музиката, ме полни со скокот, ме возбудува ко порок.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И покрај тоа, продолжувањето на војната против дрогата, макар и со послаб интензитет, секогаш одново би ги генерирало сегашните проблеми. Доколку хероинот остане забранет, бројот на кражби и понатаму би останал висок бидејќи зависниците и понатаму би краделе за да можат да дојдат до пари за задоволување на својот порок.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Длабоката потреба на песната да влезе внатре, во најдлабоките длабичини на битието, Озрачен (Од дална ѕвезда) Медоточен И По ро чен. е пораката што го длаби своето постоење во тие длабини и го оплодува неочекувано битието на суштината, битието на длабокиот дух осеменет од порокот на создавањето.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
Но тој чудна ука ми кажа, ми ја преподаде уката на криењето тајни а украдени нешта, и јас видов дека срцето негово веќе сосема во пороци зараснало, како нива заборавена од Господа и рака човечка.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Но тоа го сторив за да ги повредам; бев сосема свесен дека тоа е исто како кога пишуваш театарска критика да го нападнеш артистот за некои пороци што тој ги има во приватниот живот, а сосема да ја оставиш на страна неговата ролја; но јас имав право на тоа, затоа што нивната ролја се стопуваше со нивниот личен живот.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Вистина, тој е виновен што не смогна сили да ги надвладее пороците, попустите пред ѓаволот, пред суетата, пред гладта за љубов и признателност, ме урна и мене во провалија, но во овој случај, неправедно го навасала неволја.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Грдан беше задоволен - и од домашното готвено, и од џепарлакот што му остануваше, а во сопчето и така беше навикнат да биде сам, како што уште се воздржуваше од пушење и од други скапи пороци.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
А мислевме: и порокот и невиноста на ист начин нѐ исмејуваат.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
На нимфите сенките на амор морите вршат околу судбата- наречјето блудно дејствие ведра трагика околу мене сенките околу мене морите наречјата, пророците - мене пороците.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Не може ни Господ да ме разубеди дека Големиот Брат не води тачна евиденција кој, колку и кога пие, колку троши на сите облици на пороци и слично.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Армијата е нација во нацијата: таа е порок на нашето време !, запрев на една мисла на Вињи, кога високиот офицер со босанско, муслиманско презиме на иќ задоволно го завршуваше предавањето, покажувајќи ја моќта на нашата одбранбена стратегија и немоќта на западниот империјализам да нѐ загрози преку Јадранското Море!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
- Е па сакаше да бидеш писател нели? Повели, еве, ги испраќам до тебе најцрните човечки судбини, ќе мора отсега, па натаму, да ги сослушуваш, колку и да не ти се допаѓа тоа што ќе го чуеш ... а ќе чуеш секакви приказни, за болести, за кои не си знаел досега, за надежи засекогаш загубени, за сакатења, сквернавења на човечки судбини, какви не си имал прилика да видиш, а си бил убеден дека знаеш дури и за редовните посетители пред прагот на инферното, за сите пороци што ги измислил светот, откако постои...
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Се жалеа на пороци и грубости од професорите кои не се воздржуваат од примена на сила како метод за зајакнување на актерското его.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Кастинско роднински „интелектуалци,“ или постсоцијалистичко атеистички чконтари кои во бившиот систем успеале навреме да земат КПЈ црвена книжица, денеска вешто укопани во трулиот партиски систем мудруваат и обесуваат на разноразни општествени области, а во приватниот живот не се ништо друго освен најобични муфљузи кои ги тепаат своите жени, имаат швалерки, а децата најчесто им се испуштени од руки во канџите на пороците.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Повеќе