преброи св.

преброи (св.)

Од сите преброени факти се гледа големата штета за нас Македонците од тоа што ние, или барем мнозина од нас, ги изедначуваме досега нашите интереси со општобугарските.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Беше тука повеќе од дваесетина дена, иако не беше во состојба да ги преброи точно сите оние безлични денови на чекањето.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Мајка му и баба му ги честат, татко му разговара со нив, а Зоки ги пребројува подароците.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Помладиот му ги преброи парите и сакаше да ги стави в џеб, но постариот со црното брадулче, му ја тргна раката и му рече нешто.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Ги симнаа на брзина дисагите, ги преброија жолтите, ги тргаа белите со кантарчето, и Јован ги поведе коњите, нарачувајќи му на Толета и Митра, „ако не се врата, делот мој, троа потроа да и го дадите на старата, да и прерани децата“. И се изгуби во темницата.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Бегаме и се пребројуваме, ама Горачинов ми го нема во бројот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сепак лежев и повторно и пак повторно ги пребројував недостижните птици. „Знаеш за кого говорам.“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Ги пребројувал своите луѓе. - Земете ги чеканите и лостовите. Ќе почнеме.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Старчето нешто раскажуваше пребројувајќи на прсти, Сандре Самарија со почит ја нишаше главата пред неговата мудрост, третиот, Арсо Арнаутче, со преголеми очи ја следеше девојката, а мене ме обземаше желба да истрчам и да го зграпчам, да му ја забуцам главата во потокот: разлади се малку, стрико Арсо, имаш син на мои години!
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги преброи парите што ги имаше заштедено. Не беа многу.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Засекот што му ја претставуваше устата туку се отвораше и затвораше и сигурно тогаш ги пребројуваше купчињата или сламариците или огновите што везден тлееја, и пред да го пуштеа прстите од решетката ќе слушнеа како прашува Борис Биџов, тука ли е? Тука е! му велеа.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Знаеше само дека е неможно да се пребројат, а тоа на некој начин се должеше на мистериозната сличност меѓу четири и пет.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Некој имаше фенер, па така ги читаа и пребројуваа борците.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Тој, кутриот, откако ги преброја парите, откако пресмета во главата со очите превртени нагоре, толку беше очаен што изгледаше како смрзнат.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Пребројав колку чинии месо и компири сум изел - тоа беа две и половина - затоа што ме доведе во заблуда навистина да не сум јадел малку.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Откако координаторите на пратеничките групи се преброија, излезе дека разликата ќе биде тенка.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Од највисоката гранка на белата муренка црната птица уште еднаш ги пребројува мртвите тела кои пловат по маночо и живите рани обложени со вистински воздишки.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
На Пабло Неруда тагата навистина нема рок на траење: под белата муренка на црниот остров им ги пребројуваме брчките на морските далги и го одгатнуваме молчењето на ѕвездите.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Пребројувам – до пара за четири парчиња. Господе, бадијала сум се карал.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Со име и презиме ги построија, преброија и потоа ги наредија пред казан.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК