пусто (прил.)

Пусто остана полето, пусто зазори зората - чемрее в поле врбата, чемрее - тажи непознат.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Знам оти ѓердан веќе не нижеш, знам оти чеиз и ти не везеш, знам, Вело, пусто остана сичко - не ли си и ти аргатка клета?
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Ех, пусто да остане ... Тешка беше маката на старецот.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Но наоколу беше пусто, се простираше мирна летна ноќ и никој не го виде овој осамотен ноќен посетител на сламената колиба.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
И дури стариот да се заврти и да ѝ даде ишарет да не кажува, оваа наеднаш се испушти и му рече на војникот: – Море, пусто да остане и чешмичето, ами ако е за него, елате по мене, јас ќе ви го кажам, не дека е далеку!!! – и тргна напред преку дворот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ене го пусто да биде. Над лозјата во присојот. Тоа го викаме Бренското Чешмиче.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Се престоруваш земја и камен. И длабоко со тебе ќе пропаднат нашите грстови вода за да остане пусто ова распаќе без корени и без деца!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
По патот ништо не се меркаше. Сѐ беше мирно и некако пусто.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сѐ стари куќи во ова Маџар-маало. Пусто. Страв да ти е да погледнеш.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Можеби се плашеше да не изгорат ова вечер сите па утре вечер небото да остане темно и пусто.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Густо збиените на ридот куќи како да се креваа на прсти и се надвишуваа една над друга: секоја сакаше да се огледа во утринското огледало на езерото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
МЕТОДИ: Дождот не му дозволи да ја крене главата и да погледа каде влегува. Скалилото беше пусто.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Плоштадот беше уште во сенка, беше глуво и пусто.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
14. Набргу пусто ќе е сѐ и некој далечен ќе се насели мир од пештерите, од небото каде што зајде сѐ и од летото обоено со билје изгорено.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Толку да се успани? — забележи Марко и сите потврдија дека селото некако пусто им се виде одутрина.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Пусто нека остане, си велам, вели, и веленце и разбој и кросно и брдила.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И селото, што е село, без луѓе е пусто. Сѐ е пусто, не се догледува пустината.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Само што беа згаснати малкуте светилки во домот, сите гласови молкнаа. Беше глуво, пусто, темница.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Порано, до пред десетина години, овдека, на срецелово, секогаш, во секое време на денот, имаше некого. Сега, меѓутоа, сосема е пусто.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе