разгледница ж.

разгледница (ж.)

БОРИС: Е, колку пишуваш ти! (Пауза.) Јас разгледници пишувам со печатни букви, не знам што да напишам. (Пауза)
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Во црквата владееше некакво шаренило: едни се молеа, а, други се одмараа на столовите во дното и пишуваа на разгледници, веројатно за да ги поздрават своите.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Една симпатична службеничка, откако ми даде кратки објаснувања за берзата, ми врачи разгледница со слика на зградата.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Минуваше низ улиците со слабокрвни дрвореди како низ куп промашени разгледници.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Менувањето на кулисите на пост-замјотресното Скопје беше вртоглаво. Градот од разгледниците исчезнуваше без милост.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Не беше ни најмалку случајно што тие разгледници ги нарече Randeyvous du dimanche или неделни состаноци.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Глетката потсеќа на оние од разгледниците, а вие замислувате како го сечете мангото на четвртинки.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Дишан темелно ги разработил реди-маде, и самото негово творење за него претставуваше еден вид рандеву: ...планирањето на моментот што доаѓа (тој и тој ден, датум, момент) за да се внесе нов реди-маде. 1916 година, тој напишал серија од четири разгледници, во кои ја следеше веќе постојаната синтакса, но, сепак ги измени зборовите, така што резултат на сето тоа беа реченици кои немаа никакво значење.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Од оваа неограниченост и од мултимедијалноста произлегува широкиот дијапазон на користени техники и материјали во мејл-арт практиката: налепници, разгледници, гумени печати, коверти, марки, телефон, телеграма, од една страна, до цртежи, слики, графики, фотографии, фотокопии, циклостил, колажи, уметнички објекти, звучни и видео касети, компјутер итн, од друга.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Подоцна прашањето за примереност одново ќе се постави во врска со положбата на Сократ кој удобно седи и пишува додека Платон седи заканувајќи се со прстот, во текстот La carte postale (Разгледница).
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Постојат реалистички слики коментирани со текст, или куси текстуални содржини проследени со орнаменти, фотографии, колажи, постојат парафрази на познати уметнички дела, често се пародираат кичот и познатите еротски разгледници итн.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Кејџ се обидува да нѐ увери како тој всушност “снима” извесни конфигурации и произведува објективни “фотографии” или “разгледници” на јазикот, но токму тука се покажува дека таа објективност е празна и дека јазикот е пред сѐ човечки артефакт, со структура и значење кои на тој начин не можат да се уловат.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Се стрчав радосна. На мојата работна маса стоеше разгледницата со многу убава фотографија од Лондон и со ваков текст, што го нашкрабал брат ми набрзина, со оној негов ракопис кој одвај го разбирам: Од вашиот син и брат Ведан Здраво мајче, здраво татичко, здраво Гонцо!
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Оти, тоа што тој го имаше напишано беше многу слично на една моја стара разгледница што јас им ја имав лани пратено дома, кога бев на летување со школо.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Одамна ја немам видено неговата ноќна панорамска разгледница од замаглен автомобил паркиран на Паркингот на презервативите на Водно.
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Просто и направо си влегол во разгледница, па сега се рашетуваш низ неа како паун со отворено ветрило на опашот, додека на некој не му здодее и не ти ја поткуси кикиритката, па да те спика во плико и да те залепи во него, со прописни марка и мур, пред да те прати по пошта на одредена адреса или на пост-рестант.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
На другата страна од разгледницата со легенда Прованса Мистичните маслини, вие потсетувајќи на питата тикуш (со пилешко месо и јајца), која мајка ми ја подготви по моето враќање од Албанија, според крајот од романот Атеистички музеј пишувате дека можеби питата ќе биде уште повкусна ако се стават и исушените цветови на мајчина душица, рузмарин и маслини.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Сѐ и сешто имаше на масичките во Гнездо: парчиња тули, фотографии, разгледници испишани со избледено мастило, пердуви од птици, ногарки од столчиња, навлаки за перници, парчиња од завеси, откинати џебови, копчиња, огледалца, камченца, изделкани парчиња дрво, врвки за чевли, ленти за шешири, пелени, монистра…, раце, нозе, трупови и глави од кукли, и по некоја цела кукла…
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Другар ми Ице (така се викаше пола Гевгелија, зашто другата половина беше женска популација) ми донесе бланко уверение и разгледница „Успомен из Џевџелије“, со сите знаменитости од тој град, меѓу кои, како најголем хотел „Југо“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Една декемвриска ноќ, додека меланхолично уживаа во пивото „ Гардист“ и снегот кој пополека си паѓаше како на евтина новогодишна разгледница, дваесет години постариот Дејан му ги раскажа на Александар исцрпните биографии на повеќето колеги од секретаријатот. – Алек во животот никогаш не знаеш што ќе ти затреба...
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)