саан м.

саан (м.)

Се засука Митра пак. Ја зеде тавата и маст, ѝ даде на Доста брашно и една ваганка да размати тесто за питулици и напржија еден два саана.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Попот се поздрави со мудурот и другите Турци, му направија место на чело на софрата, на која веќе беше поставена и една погача ненакршена, саани со есенско сирење, а дедот Петко си го држеше пагурчето готов да го благослови идниот брак. ***
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Има само една сина сенка, само толку сина сенка, колку по неа да може да се расплисне богатата месечина, што истечува како полн плисок заискрено бело вино од онаа огромна топка на небото, што стои на самата негова средина, како усвитен, пребликнат саан.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се гледа дека саанот со богатството е кренат, а саанот со плодникот е стежнат.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Во Помпеа има една фреска останата од времето кога вулканот Везув го уништи градот, на која е претставен еден цар кој во раката држи теразија: та на едниот саан од теразијата ставено е скапоцено богатство: златници, накити и друго, а на другиот тас, знаеш што?
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
продавачите на железарија ја растуриле сермијата крај патот (маши, пирустии, кации, потковки, секири, српови, коси, сорови, синџири, тепсии, ибрици, ѓумчиња, аванчиња, легени, кантари, саанови, котли, ѓезвиња, кандила, фенери) и тропаат со ѕвонци за да го привлечат вниманието на луѓето;
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Од тоа ја обзеде една замелушеност што ѝ ја помати сликата на сето она што се случуваше додека цврсто не заспа: колку и како не се знае, ама Чана ја раздели топлата чорба од петелот со по малку мевце во неа речиси на сите, ја туруваше во саани, во чинии, во месингани чапчиња, во мисури, никој не ја одби нејзината понуда, дури ни Геле Колишев, деверот на Богородица, ни таа, а нејзините синови ја пиеја како да е чај во големи звучни голтки, колку што се сеќава излезе и надвор во темницата, долу во подрумите и ги стоплила момите на Роса со што таа вратила како благодарност голем грст шеќер во коцки за внучињата на Петра, покрај нив, долу открила и други видеуца од свеќи, и ним им дала иако ѝ велеле дека тие се тука од одамна и дека сѐ имаат, дека не се гладни, дека не се мокри, само понадата на Чана никој немал срце да ја одбие.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Дали година, дали две, од овие зборови соседите на Мише забележале оти Мише по цел ден се врти околу гулабарникот, час потскокнува преку сааните со вода и пченка, час ги подраширува рацете, се затрчува, подлетнува.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК