смилостиви св.

смилостиви (св.)

„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Но што вреди: во најмачните моменти кога војниците го решетаа училиштето со куршуми, жена ми го молеше бога за спас; го молеше да се смилостиви и да ни помогне; но ете што стори тој господ: ме остави и без неа и без детето, пуст и чемерен довек...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Но за сè требало трпение и чекање: подоцна го смилостиви господ срцето и ѝ даде машко.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Мусли бег наеднаш остина. Иако не сакаше така да си помислат христијаните сам чувствуваше дека така зборува, како да ја пади од себе, од Арслан бег и од Турците во Потковицата несреќата: Оти високо летаат и грабаат па си мислат ќе ги смилостиват ако не ги убиваат, или оти ги мислат за божји птици па веруваат дека ќе ги стигне несреќа ако ги убиваат, праша.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Може, уверен во својата праведност, хранел надеж дека ќе го смилостиви бога да го земе во заштита неговото семејство, може оти верувал дека ќе окае некој грев, во незнаење сторен, па тогашните жители на Потковицата две недели пред злосторот и цела година потоа, и по бел ден и среде ноќ, ги слушаа неговите лелеци, неговите клетви и молитви.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И не беше ли тој, Сатаната, што го поучи него, лицемерно, да не отиде и да не се сокрие со сите други луѓе на Имотот, туку да остане овдека и да се обиде да ги смилостиви поганците со леб и сол?
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Се смилостивил калуѓерот и го качил пет-пари-човечето на својата магарица.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Секавично помислив што треба да речам, за да го смилостивам. Да се инаетиш - не помага.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Тој миг им позавидев на другарите дека летово небројница пати оделе на Вардар, а јас ниту еднаш не можев да ја смилостивам баба ми да ме пушти.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Па реши да ѝ биде покорен, мед и млеко да му минат низ заби, како потоци. Може тоа ќе ја смилостиви.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Малку подоцна, тој се смилостиви.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)