спокоен прид.

спокоен (прид.)

ИЛИЈА: (како и погоре спокоен), Јас те поканувам да се спогодиме: ако ме победиш, ќе се откажам да ја барам Антица, а ако те победам да ми ја дадеш без да разбере народот што станало меѓу нас.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Баждар се изгуби, нè остави во шепите на неизвесната судбина, а Пенчо се превиткуваше пред силната жена чиј спокоен и мек глас ме доведуваше до треска.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Луман замина нагоре спокоен и сега веќе сосем уверен во пријателството на Бошка.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Над класјето успано летна уплашена птица и малото тело се гушна во нивниот спокоен дах...
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Тој, онаков каков што го знаев, насмевнат, спокоен, во познатата блуза без медали.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се успокои, па викна дури и запеа. После спокоен, им дозволи на другите да се изладат во бујната Црна, која беше полноводна и пролетва, како есеноска.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И како што беше спокоен, достоинствен, наеднаш се возбуди и вџаши. – Од кое место сте вие? – пак праша и ѝ се приближи на Анѓа.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
И биди спокоен. Ние сме изолирани за нејзиниот електрицитет.“ Зеленото момче престана да штука и да пушта од себе необични мириси на берберница и ефтина кујна.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Господи, господи, господи, претчувствуваше околу себе во мракот шушкави банкноти и го мразеше тој Отец Симеон, тој некаков ортак што стоеше долу сигурен и спокоен во груста сенка.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Сите имаа спокојни лица, беа озарени со некоја благост.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
ЛУКОВ: (Се воздржува, ги прави последните обиди да изгледа спокоен.) Туку што не дошол. Ќе сети по миризмата.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Во минути на смирување, кога спокојното размислување го потиснуваше трагичното чувство на безизлезност, Арсо се враќаше кон напрежните свои убедувања дека вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во непреодливата волја на човекот да дејствува.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Патуваше Змејко со својот Чилко едно цело претпладне пат под дрвјата, често му слегуваше на коњот и го оставаше да го призачека, додека тој одеше да присобере уште некоја од црвените шумски јаготки, што зрееја по лединките крај патот, а после тој пак му скокнуваше на самарот и продолжуваше да го патува своето спокојно летно претпладневно патување под зелените крошни на високите буки, под синото небо, ишарано со бели ретки облаци...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега му мирисаше во лицето вриејќи, се чувствуваше спокоен од таа негова топла миризба, го имаше безмалу мекото чувство на допирот, кога ќе се дофатат за да бидат скинати неколкуте стракови од таа белузлава и мовлива благородна билка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кираџијата остана спокоен и ладнокрвен како ништо да не му нашле...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Соопштуваше возбудено и панично, па и колку и да си спокоен и студен како мраз, сепак гласот негов те каса морничаво во душата, па помислуваш дека нешто најстрашно се случува: бесење, колење, стрелање.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Двете чорлави, бездомни деца се населија во него и првата преспиена ноќ во вагонот беше една од најмирните, најспокојни и најрадосни ноќи во нивниот скитнички живот.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Атмосферата на свеченост, разгорениот оган, стопленото сопче, пријатната миризба на пржената сланина, му го зголемија расположението на момчето, па за првпат откако беше дојден во колибата, откако беше затрупан од снегот, се почувствува безгрижен, спокоен.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Заскитуваше меѓу јасиките, го слушаше тихото шумолење на нивните трепетни жолти лисја, како да слушаше некоја волшебна музика, а потоа спокоен се враќаше кон колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Заедно излегоа надвор. Ги пречека благо, јужовно време, со сиво, мирно небо и спокојна бела тишина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК