спуштен прид.

спуштен (прид.)

Со коси спуштени, се фрли ко Менада бесна врз мртов син од жал.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Лево, напред, врата, а во дното долап; меѓу прозорците огледало од горе малку спуштено и украсено со крпа со домашен вез во форма прозорец со расечена завеса и од горе на среде преврзан со корделка.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Господи и мајко негова, тој сега ќе ме поклопи со спуштените раменици! Молчев.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Еве нѐ пак - седиме на Монпарнас но за сега молчиме. Од кај шанкот нѐ гледа човек со модра сенка спуштена од десната веѓа до брадата.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Зад затворените пенџериња уште беа спуштени тешките, дебели пердиња, а во малиот двор, градинката и колјата, пред нивната куќа - ништо не се меркаше...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Затоа околу полноќ појде кон далечната перифериска двокатница и виде дека облаците беа спуштени над неговото теме сосем ниско.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Му го гледаше само појасот и сребрениот ќостек, закачен за елекот, чистите и нови ѕиври, спуштени во глуждовите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Под ниско спуштените веѓи Арсо не му ја видел уште бојата на неговите очи.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Уште во муграта, кога виделината одвај пробива преку спуштените завеси, Арсо ја пушта раката под перницата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
А едно момче во бело, со некаква чудна подуеност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваат во црквата за таквите редови, додека тие стојат со сонати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци, и засипнатиот селски поп со извиткан тенок како штичка блед нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови на свечената одежда пее бесчувствено и колку да помине редот одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а потоа некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А во средината, спуштена вертикално како заплиснат студен челичен болскот стоеше подмачканата плоча на пилата, целата исукана, како сабја од ножница, додека нејзините правилно распоредени запци, секој со по иглен врв на острицата, светкаа со по една ненаситна срчена светлинка, собирајќи ја во себе и усвитувајќи ја скржавата виделина на денот во своите илјадници одблесоци, за кои се чинеше дека ќе те испечат уште со самото тоа што ќе се обидеш да ги допреш.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се веднеа под тежината на спуштеното небо над нивните ќулавки.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
11 Мотив: рана пролет: Брегот на Профим зазеленет; неколку јаболкници и праски избрзале, порано расцутеле, се преливаат во алови и бели бои; по падините на брегот излетале и првите жолти цветчиња расфрлени како распукани жолчки; белее куќата на Профим, која е скоро варосана, а покривот црвенее како тукушто пресечено месо; по брегот пасат неколку овци, кои, чиниш, не се движат, небаре стојат во излог за детски играчки; еден коњ слегува по патеката со крената опашка како да лебди во воздухот; две шареникави добичиња, крава и вол, со издолжени вратови брстаат по зеленилото спуштено ниско и се допираат, се чешкаат со колковите; по коњот оди човек (веројатно Профим) со лимена кофа в рака; на кофата е паднато сонцето и облеснува; нишајќи ја кофата, човекот како да сака да го брецне сонцето; друг некој (веројатно Скрче) се шета низ бавчата, оди од стебло на стебло и ја потпира главата на нив, како да ги гризе.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Куќата е една од најстарите во селото; направена од петаври: од штички и плитар, од лескови прачки исплетени од дирек до дирек како што се плете кош и облепени со кал измешана со плева, слама и козина за поцврста да биде; на многу места калта и испадната од ѕидот и зјапаат дупки низ кои ветерот се провира и свири; во тие дупки птиците се пикаат и прават седела клувкајќи го и користејќи го истиот материјал со кој е облепена куќата; чардакот од куќата виси над патот како дрвено корито спуштено од небото; куќата е затетеравена на едната страна како пијан човек и, изгледа секој миг ќе падне.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се разведри малиот круг на градината спуштениот нимбус на црешата пред очите на човекот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
А бидејќи чекорот не му е сигурен, тој во редот стои со раширени нозе и со спуштен поглед.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Волчи лик: две смрзнати црвени зеници косо спуштени кон широкиот корен на носот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Стоеше под гола мошне разгранета липа и под безбојната старомодна наметка на толку висока како што мислев дека е, без јасен лик и со спуштени раце, неподвижна.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Кога ме гледа човек би рекол дека имам изразито спуштени слепоочници.
„Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски (1989)
Кога се завртел ја видел како стои со спуштени раце, чиниш е во исчекување да се врати и да ја поведе со себе кон заедничка неизвесност.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе