стемнува несв.
стемнување ср.

стемнува (несв.)

Се стемнуваше. Помеѓу сивите куќи на мојата улица лилавиот долг правоаголник на небото се посипа со предалечен светкав зоб.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се стемнува. Во тесна рамка на некој прозорец игра слабо пламенче.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се стемнува - тоа го знам зашто низ неколкуте симетрично распоредени прозорци помеѓу драпериите навлегуваат монструозни лилјаци и летаат секогаш подалеку од оние осумнаесет сребрени шандани со запалени свеќи од бел восок.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се стемнуваше. Вечерва прислужникот не го донесе фенерот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но, се стемнуваше, а на Малчо му се пријаде и реши да си оди дома.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Сѐ повеќе се стемнува синиот хоризонт на зборовите.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Се стемнува. Кој може да спие - спие, кој не може - офка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се стемнуваше, говедата рикаа, по тоа знам дека се стемнуваше, кога го чув гласот од Ангелета.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А летен ден, долг како година, брзо се разденува, ама никако не се стемнува. 22
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Подоцна, ќе светнеше светлоста како сечило од нож, но набргу доаѓаше вечер - се стемнуваше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
XV Зимата го измени вообичаениот тек на времето: не се знаеше ни како се разденува, ни кога се стемнува; стануваа луѓето наутро изнаспани, излегуваа од куќите, шетаа по чардаците, кашлаа, се миеја шетаа по дворовите, влегуваа во плевните и земаа сено за ајваните, шетаа по сокаците и улиците, гледаа нагоре кон небото но никако да се раздени; зората никако да пукне, виделина да се запокаже; петлите кукурикаа, ја најавуваа зората, но попусто: или тие грешеа или таа доцнеше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
— Во зимно време и на ручек се стемнува, вели Манол Форевски.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
колку патрони чеиз му донесе на Горачинов, ми велат, да имавме ракија, вели Горачинов, ќе ве викневме на блага ракија, и ќе фрлавме пушки, вели, свртете на друго, вели Ристо Коларов, здравувајте нѐ в образ, бацете ни рака, вели, не го погоди моментот, вели Горачинов, историскиот момент, ова не е свадба, туку свадбено патување, вели, дури си млад сѐ можеш да кажеш, што се вели, сѐ ти се може и сѐ ти прилега, и јас гледам како се стемнува и како цело небо ни слегло во морето, сосе ѕвезди и сосе месечина и си мислам дека сме тргнале по небото, сме се закренале на некоја пловидба меѓу ѕвездите, целата сум зашумолена и пренесена некаде, некоја голема умора ми се обесила на клепките, ми натежнала во коските, нешто гледам, а повеќе не гледам, како до половина да сум заспана, завлезена во сонот;
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се стемнува - тоа го знам зашто низ неколкуте симетрично распоредени прозорци помеѓу драпериите навлегуваат монструозни лилјаци и шандани со запалени свеќи од бел восок.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Полека се стемнуваше и почна да доаѓаат многу луѓе.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Веќе се стемнуваше и во собата беше полутемно зашто, заигран со малите автомобили, заборавив да ја запалам сијалицата.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ни по првите ѕвезди не се стемнуваше. Онисифор Проказник праша за добитокот, дали е носен на пасење, дали има сено и дали е напоен.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Гледај - се стемнува. Овој ден досега беше само петок.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
„Доцна е“ реков, “веќе се стемнува.“
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Седи Богдан со отворениот албум пред себе во градината, ги крева очите и гледа: се стемнува, а пладне уште не е поминато; времето се стишало, не мрда ни лист по дрвјата, не се движи ни птица, ни инсект; чудна некоја тишина, чудно исчекување како пред породување.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Повеќе