стракче ср.

стракче (ср.)

Ситно чекорат, кубат брзо стракчиња тревки, како да се плашат тревата да не исчезне или да не им ја одземе некој.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Денко скина едно стракче со нежен син цвет и го растри меѓу дланките.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Бојан скина стракче трева, почна да го гмечи меѓу прстите, да го мириса.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Едно случајно стракче црвенило, какви на илјада секојдневно ги прескака видот, одеднаш го возбудило човека поради својата автономност среде житото, поради фактот, значи, дека само во смртта ќе бидеш автономен...
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Среде жито стасано до жетва се изделуваше осамено пламенче - стракче црвен мак. Безутешно: топол ветар во пладнето му ги откина листенцата, му ги одвеа некаде, ги разнесе...
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Бреговите тоа го гледаа, се поткреваа и шептеа нешто со тополите врз нив, па тој не забележа пред него како се покажа и друго место, по него пак друго, сѐ некогашно и сѐ познато и драго, и преплашен скокна од потајниот допир кога го полази тенка водена жила што се провре меѓу прстите на нозете а потоа му ги покри стопалата и низ тенко жуборење водата почна да се качува по него нагоре, да се тимари, да го гали; забележа свиткани како лежат исушените стракчиња билки на дното и како го тркалаат грагорот пред себе еден величенствен облик.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Само едно стракче беше загледано на другата страна и се обидуваше да го префрли работ, да излезе од вазната да ја допре и да и се предаде на светлината и заедно со неа да се искачи таму од кај надоаѓаат походи небеска љубов.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Доколку, пак, тоа воопшто и се случи, доколку пилето се најде меѓу решетки - првата грижа и на неговите родители и на сите птици од неговиот род ќе биде која од нив побрзо да му принесе стракче отровна тревка која да ја фрли во кафезот!
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Афирмирањето на молкот во период кога сѐ (и каменот, и птиците, и татковината, и огништето, и мајката, и стракчињата трева...) се подготвува токму за него, новите песни на Анте Поповски забрзано ги населува таму кај што досега не биле: во пределот на стравот.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
„Јас ја паметам како исушено стракче босилок или како редок глас на моме во тело на повената жена.“
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Јас ја паметам како исушено стракче босилек или како глас на моме во тело на повената жена.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Баба Петра од пазувите извади стракче ангелика.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Баба Петра пак се крсти до трипати, станува од софрата, откај камарчето во ѕидот - со икона и кандило - зима суво стракче босилек и го фрла врз гламјата во огништето.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)