тил (м.)

Откај широчината доаѓаше Пенчо со зафрлена капа на тилот и длабоко завлечени раце во коланот. Газеше со војничка сигурност.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кузман полека чекореше. Рацете му беа завлечени во длабоките џебови, паларијата - зафрлена на тилот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Моливот ѝ падна од раката еднаш, и падна двапати, но кога се наведнуваше да го земе, целата беше завртена со тилот кон Крстета.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Во саботата се плете невестата со гајтани, се реди со разни решмиња, монистра, ѕрнѕурки одзади по грбот, од тилот до пети, отспреди — од ушите до прстите.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Се завртува ли со тилот кон гостите и се наведува ли да ги наполни чашките од ѓумот, кошулата ѝ се крева и над аловите чорапи и се прогледуваат белите жили под колена. А Бојана отиде уште подалеку: нарочно го разлабави гушалчето и под гушниче ѝ се прогледаа краиштата на градникот, па се прави да не сеќава.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Единствено и тој што не се чешла, туку гордо ги расфрлува кадравите перчиња по челото и по тилот и ги сокрива под нив и ушите.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ме свртеа кон ѕид и ми го истинаа тилот со студена револверска цевка.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Момчето го чеша обрастениот тил и гледа преку бабината глава во модрите врвови на Козјак.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Млак бол, распливнат во неговиот тил и некај да се впие во него како болот на осакатениот палјачо.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Поп Јакова силно го удри еден со кундакот од пушката по тилот и тој се струполи; се онесвести и така го врзаа.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Млакиот млаз врз врелиот тил за миг го отргнуваше од треската па се враќаше кон креветот и мислеше дека ќе го победеше мракот еднаш за секогаш ако во бесполезните години ја проучуваше хемиската супстанца на таинствената светлост на светулките.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Го бутнаа пред себе топлејќи му го тилот со здив.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Арсо одеше прв, по него Глигор, се сопинаше во неговите топуци, сакајќи да го избегне топлото збивтање на полицаецот што му удираше в тил.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Јурнува надолу по скалите. Го удираат в тил пронизливи пискотници на истанчен женски глас.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Таа проникнуваше во крвта и залазуваше како пријатен скокот во носниците, тилот и врвот од прстите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Го сеќаваше погледот на онаа измачена дивинка зад себе во својот тил.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Си дишеа еден на друг во тиловите, наслонети над сите цепутки на бараките.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тој поглед беше просто зачекнат, впиен во неговиот тил, а еднаш сосема јасно откри дека тука, на десетина чекори од него, веќе сноват и сите други издолжени прилики, на кои можеа да им бидат здогледани дури и нозете како пречекоруваат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Крвта бликна и му го облеа лицето, а Толе збесна. Со еден скок го фати сега за гуша Аќифа, му го откина јатаганот и, дури да посегне Толе и дури да го спречат другите ораџии и сеирџии што се загнаа да го откинуваа, Толе замавна и тилот од Аќифовата глава се оддели од другата половина и Аќиф се испружи на сред чаир.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК