трем (м.)

Испотени, мртовецот го носат; и во тремот го внесоа тој товар скап, а луѓето се собрале крај мртвиот и немо приковале свој поглед тап.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Гласот стаса до тремот на Рожденката, и бидејќи тука беше Неда, и до нејзините уши.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Затоа него го направиа сега „попче“ — додаде Толето и си излезе под тремот да ѝ нацепи дрва на мајка си.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И сега Стојанка ја пречека Митра во црквениот трем, си ја одврза шамијата со дарчињата за крштеничето: кошулче, минтанче, чорапчиња и тулбенче, и беше готова. Само чекаа на ред.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Одекна во долгиот празен трем. Почека. Напрегна слух.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Поштарот на прсти оди. Така и влегува во одајчето, веднаш до излезот од тремот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во тремот е свежо, пријатно. Овде изненадува и привлекува богат и вкусно изграден амбиент на стара чорбаџиска куќа.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Заспа доцна и сонуваше како го јава својот бел коњ, кого што тој пред неколку години го натовари самиот со качмите и со плугот и го однесе во задружните тремови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Само се погледнаа, застанати на портата, а после тој го пушти и старецот без да го покани, отиде под тремот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Поручекта, братучедите седеа молчејќи на гредата под тремот, а Чакарвелика на столчето среде дворот пак со плеталото си ги печеше коските.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Бојан ги прибра во тремот, ги собра во долната половина, каде што во јаслите го беше наредил сеното, и ги загради со една леса, која служеше, кога е потребно, тремот да се преградува на две.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Бојан скрши по едно парче од тричникот, што тие уште во воздух го дочекаа в заби и пак се вратија во тремот, пред плевната, на суво да го уживаат својот појадок.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кога дојдоа кај колибата на дедо Иван, старецот се одмораше, прилегнат во сенката на тремот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го наложи и го остави да се витка од болките под тремот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Под тремот Толе го задржа Мирчета.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Другпат сонува: фатиле големи студови; дрво и камен пука; да плукнеш, плунката ќе ти остане замрната на устата; силен ветер крева бранови од езерото и ја опсипува куќата, но брановите како што удираат на куќата, така се замрзнуваат; куќата се обложува од сите страни со мраз што свети како стакло и таа заличува како куќа од сказните; но кога почнува да ѝ студи во одајата, таа стрчнува да оди во тремот да земе дрва, но вратата е прекриена со мраз; кај има излез, кај има излез, господе, си вели и се тресе од студ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Како ни оково што не се ведне пред овој измамнички дожд под тремот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Промената не ја гледаме но таа веќе се случува голема прво во нас потоа насекаде се случува таа неизбежна како судбина под премалениот трем на попладнето.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
* Седам во тремот додека заврнува дождот прво големи капки ретки звучни како пари го растураат ројот од инсекти градите што ги дави потоа под нив пее нежниот тапан на земјата меката намовнатост на прашината.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Тесните улички со дотраени и руинирани куќарки, со мандала, со порти, со тремови и чардаци, улици со турски калдрми, тоа е оној дел од Солун кој се извишуваше амфитеатрално.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Повеќе