украс (м.)

Сите украси што ги прават жените привлечни, сакани - нужно долго сокривани - наеднаш се покажуваат, затреперуваат, разгируваат слободно, копнежно.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
22. АКО СУМ ЗЕМАЛ, ТА НЕ СУМ ГО УКРАЛ - тоа да е словото на најхуман закон: си зел, значи, туѓо, онака, за украс, зошто да прашуваат од каде и како...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Секоја куќа си ја задржала својата посебна боја, својот посебен изглед, фасада, стил, украс.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Правена е по план, донесен од Германија, каде што тако му работеше како слаткар: куќата е со висок стрмен покрив кој не држи снег, и на кој, на сите четири страни, има тавански прозорчиња што го осветлуваат просторот под покривот; на сите четири ѕида од куќата: и на долниот и нагорниот кат, има мали дрвени балкончиња и тесни врати кои излегуваат на нив; над нив има гипсени украси: развлечени триаголници што се испакнуваат од фасадата; по рабовите на куќата, исто така, се спуштаат гипсени бордури; куќата е обградена со зеленило што ја прави уште поубава; пред куќата нема градина како пред многу други куќи, туку е посеана ниска трева која како зелено кадифе го покрива сиот простор; низ тревата постојано се разлева една браздичка со вода и ѝ дава свежина и силно, блескаво, зеленило; пред куќата, под лозницата што е разгранета на дрвени потпирачи, се белее гроб направен од мермер; околу него цвеќиња и масичка и столчиња направени од преполовени костенови стеблаци; оградата на дворот е од мазни дабови плотици со куси врвови исшилени како запци од шара.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Употребени се сите градежни материјали со кои се располагало за што подобро да се истакнат шарките и украсите на куќата, да се уочи бордурата, фризот, симсот под стреата, цолбанките над прозорците и вратите што претставуваат прекрасна орнаментика, вез, разграната лоза, муренкови лисја, трендафили, леси, плетенки дворедни, троредни, гулаби доближани со клуновите, пауни, еленчиња, риби, сонце.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Однадвор остава впечаток со грандиозноста, а внатре е без икони, без украси, само се некои релјефи и со извишени слики на проповедниците во олтарот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Се разбира, Варшава, која даде големи жртви во војната, е сета во споменици, железни спомен- плочи и слично, кои новите генрации го потстуваат за тоа дека овој град - маченик, страдалник и херој, некогаш физички уништен од Хитлерова Германија, успеал да се издигне од пепелта на уништувањето: поубав, полн со сите свои знаменитости од минатото, кои биле, кои и денес се украс на овој град.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Неугледна зграда, половината под земја, мемлива, со груб малтер, со малку украси.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Подарок може да биде цвет, јаболко, книга, некаков украс и слично.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Главите на сојовите од Потковицата, речиси сите, заедно со Максима и со Костадина Дамчески уште од вечер отидоа на пазар во Прилеп, главно за да купуваат коприна, мониста, пулејки и друго што е потребно за везење и за украс на жените.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Емајлот е стаклеста супстанција која се употребува не само како украс туку пред сѐ како заштита.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Таква беше и една пудлица која одамна престојуваше во Пансионот и која беше накитена со украси: на ушите обетки, а на вратот огрлица како девојка.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Марија беше убава жена: имаше привлечно лице со блага насмевка со која ги откриваше бисерните заби, кои, се чинеше, повеќе ѝ служат како украс, отколку за јадење.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Случајно или заради украс, на неговата долга брада лежеше закачено со штипка живо ракче.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Земјата се затресе. Сите заспани испоскокаа едноврздруго. Вистинска дармадана. Потонаа светлината, украсите.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Кога дуваа силни ветрови одев во гостинската соба. Таму имаше вградено огниште кое никогаш за ништо не служеше, горе имаше кандило за украс, ќибрит, свеќа, една ламба и тоа беше сѐ, а долу немаше ништо поголемо послано, само рогозини, озгора ткаени килимчиња и секаде наоколу наредени ткаени перници полни слама.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
А, камчево личи на килибар, една смола, многу скапа и ценета, од која се изработуваат украси за прстени, ѓердани и друг накит.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Сѐ уште го носеше бастунот заради украс, да се дополни филцаната шапка со раб, паларијата и сивиот капут.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Кулата требаше да се гледа од сите страни на светот и да биде украс на царството нивно.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Нема емигрант што не го памети својот прв Божиќ во Новиот Свет: блескави излози со шарени украси со убави предмети со згодни продавачки со мајки и деца со големи ќеси со весели насмевки со дедомразовци што демнат на секој чекор...
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК