хол (м.)

Речиси разочаран, пак се најдов во холот на станицата, по потрага по некој сонародник, зашто наши луѓе можат да се сретнат на сите перони, на сите станици во Западна Германија.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Големиот станичен хол речиси беше празен.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во холот стои жената и до неа едно дете со уплашени очиња.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пред две години, во холот на новиот Народен театар изложија фотографии на некогашното Пајко маало.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Кога слегов во холот на хотелот забележав дека само мене ме чекаат.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Во долгиот хол без прозорци, со неговите два реда полукабини, исполнет со постојано шушкање на хартија и со џагор од гласови што мрморат во говорпишувачите работеа десетици луѓе што Винстон не ги знаеше дури ни по име, иако секојдневно ги гледаше како брзаат горе-долу низ ходниците, или како гестикулираат за време на Двете минути омраза.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Речи обично - по веќе определен ред, веќе видено, познато... редење на столчиња во холот, а тоа значи дека откако ќе заврши приредбата - враќање во училиште... мораше така, немаше друг излез... како наводенети врапчиња се прибравме во холот... а надвор врне, со студен ветер, небаре секој миг ќе заснежи...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Во холот изложба на ликовни творби: повеќе наградени...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Се упатија низ холот што претставува вистинска ботаничка градина - сјае со сите зелени нијанси, со богатство на грижливо негувани растенија.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Слугите биле префрлени во „дел заслуги“ во сутеренот, веднаш до кујната и визбата, што е уште еден важен прекин со дотогашната традиција во Англија ( а која ние сега ја прифаќаме како да постоела отсекогаш – во типично англиските крими-приказни, слугите се „долу“ и тука озборуваат, а горе, во холот, батлерот во бели ракавици ги најавува гостите аристократи).
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Кога слезе од возот, Ване не појде со врволицата по перонот па низ холот да излезе од станицата за да продолжи по улиците на кои во тие утрински часови се среќаваа само луѓето што одеа на работа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ме изведува од канцелариските простори во еден од големите холови на новиот објект.  „Гледате”, вели покажувајќи на едно импресивно мермерно скалило, очигледно сѐ уште под впечаток на неодамнешното отворање на Холокауст центарот, кое беше остварено со присуство на званици од голем број земји.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Пола од новинарите во холот му се упикуваа во шупак на лидерот од опозицијата.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
И, додека го убедуваа неговото другарче од одајата, во која ЦИА перманентно го „труеше“ со боеви отрови вшприцани низ штекерот, тој ме влечеше во холот.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И, не дека нема да нѐ биде, зашто сме поднаучиле и ние по нешто под јорган сиве овие години живот, ама борделот ќе мора да се вика „Кај баба“, за да нема забуна при влезот во бордо обоениот хол, во кој гостите ќе ги дочекува хостеса во црвен фустан со длабоко деколте и, со насмевка, распеана ќе ги разнесува по собите... или, уште подобро, со фотогалерија што ќе оди на видеобим ќе ги нуди нашите вработени и пријавени работнички со бенефициран стаж.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Хотелските работници со големи маки ги симнаа трите сандаци полни со книги во холот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)