црепна (ж.)

Или ќе ги најдам покрај јазот да прават црепни од кал и лепчиња од кал.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
тој распалил едно ситно: лиду, лиду, лиду, лиду, и ние играме, ама лабаво, ко кал за црепни да газиме, не ти носи душата да играш делнички и со пијани војници од таму си некаде, од мајчина им, не си за никаде, мочано време, и се нишаме небаре треската да не фатила, се правиме тресиопашки, скокаме наситно, а старшијата само ја ситни свирката и тогаш пукна пушка и старшијата ја олабави гајдата таа писна и занеме и во гробиштата влегоа други војници, кај ќе бараме и за овие кокошки, си велиме, и излезе еден поголем од старшијата, со едно кило петлици нареден, и вели: отечеството крвари, а вие играте, и колкумина имате српски војници, прашува, ами колку што забраа Србите, велиме, колку што им требале и броиме на прсти: Насте, Петко, Митре, избројавме дванаесет.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Црепните почнуваа да ги газат, на Руса Среда, 14 април стар стил, но тоа беше само отварање на црепнарската сезона.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Уште од рани зори момите и невестите, засукани високо над колена, ја газеа калта, притоа низ песни им дофрлаа на сосетките: Нашите црепни најлични, вашите црпни - црепутки Митро ле, моме најлично, али ти земја грутлива, али ти криви нозете, што ти се црепни - црепутки? - Ихиии!...
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Со денови, дури и од други синори, домаќините на своите кримилишта довезува земја, црвеница, за газење црепни.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога пак ќе земеше Калија, например, да утлеисува, да го разгорува ќумурот во железната утија: или кога ја креваше жешката црепна вадејќи го врз пирустијата табакот со зелник: кога ќе се забревташе толчејќи со ќускијата слануток: или кога ќе се наведнеше полека и растреперено врз ковчегот со невестинската руба во кој сѐ уште имаше дел од чеизот, е тогаш, Бошко гледаше како шафранот од нејзиното лице станува божур, а белузлавите очи како трчаат од далечина и почнуваат да светат како жеравици.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)